Декларација „За солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација“

Минатата седмица Политичката партија Левица преку своите пратеници Димитар Апасиев и Борислав Крмов, поднесе Декларација „За Солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација, која спикерот Таљат Џафери се’ уште ја чува заклучена во фиока, и не ја исполнува својата деловничка обврска, декларацијата да ја стави на дневен ред. Во прилог ви го пренесуваме целиот текст од декларацијата:

Врз основа на член 68, став 2 од Уставот на Република Македонија (1991) и чл. 183 и 184, ст. 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија (2008), а

  • тргнувајќи од неотуѓивото природно право на живот и потврдувајќи дека примарна цел на Организацијата на Обединетите Нации е одржување на меѓународниот мир и безбедност;
  • темелејќи се на основните принципи на меѓународното право содржани во Повелбата на Обединетит Нации (1945), чија основна  задача е „да го одржува меѓународниот мир и безбедност, да презема колективни мерки за спречување и отстранување на закани за мирот преку мировни средства, во согласност со правните начела и меѓународното право“;
  • повикувајќи се на Резолуцијата 194 (A/RES/194 (III)) усвоена од Генералното собрание на ООН на 11 декември 1948 година, особено член 11 од истата кој се однесува на правото на враќање на бегалците;
  • поаѓајќи од Универзалната декларација за човековите права (1948), која ја гарантира еднаквоста и неотуѓивоста на правата на сите луѓе, како темели на слободата, правдата и мирот во светот;
  • имајќи го предвид Меѓународен пакт за граѓански и политички права (1976), согласно кој државите се обврзуваат да го промовираат правото на самоопределување и ги признаваат правата на народите за слободно владеење, трговија и располагање со нивното природно богатство и ресурси;
  • нагласувајќи ја важноста на  Декларација за правото на народите на мир (1984), каде земјите се обврзузаат за зачувувањето на правото на народите на мир и елиминирање на заканата од војна;
  • земајќи ги предвид одредбите и обврските кои произлегуваат од: Првата Женевска Конвенција (1949) за подобрување на положбата на ранетите и болните во вооружените сили во војна;Втората Женевска Конвенција(1949)за подобрување на положбата на ранетите болните и бродоломците на поморските вооружени сили; Третата Женевска Конвенција(1949) за постапување со воените заробеници и Четвртата Женевска Конвенција(1949)за заштита на цивилни лица за време на војна, и нивните Дополнителни протоколи (1977 и 2005);
  • истакнувајќи ја Резолуцијата 2334 (2016) на Советот за безбедност на ОН, што повика на прекин на изградбата на израелските населби и согласно која Израел се обврзува да престане со „флагрантно кршење на меѓународното право“, како странска окупаторска сила во „окупираните палестински територии од 1967 година“, вклучувајќи го и Источен Ерусалим;
  • укажувајќи на двата извештаја на Специјалниот известувач назначен од Советот за човекови права на ОН за следење и известување за состојбата со човековите права на окупираните палестински територии од страна на Израел:Состојбата со човековите права на палестинските територии окупирани од 1967 година (2022);
  • потенцирајќи ги извештаите на меѓународната организација Амнести интернешенал (англ. Amnesty International): Апартхејдот на Израел против Палестинците – суров систем на доминација и злосторство против човештвото, нотирано во Извештајот од февруари 2022 година (број на индекс: MDE 15/5141/2022);
  • особено укажувајќи на двете јавни публикации на Амнести интернешенел: Израел и окупираните палестински територии – континуирани практики и шеми на противзаконски убиства и други злосторства кои дополнително го зацврстуваат апартхејдот на Израел од 11 мај 2022 година (број на индекс: MDE 15/5589/2022), како и публикацијата: Израел и окупираните палестински територии: „Тие беа само деца“ – докази за воените злосторства за време на израелската офанзива во Газа во август 2022 година, од 25 октомври 2022 год. (број на индекс: MDE 15/6079/2022);
  • земајќи ги предвид укажувањата на меѓународната организација за заштита и промоција на човековите права Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch), која има неколку обиди да ја повика меѓународната заедница за осуда на злосторствата против човештвото кои ги врши Израел, особено во нивното последно истражување: Западниот Брег – Скок во израелските убиства на палестински деца (од 28 август 2023);
  • земајќи ја предвид важноста на заедничкиот повик на меѓународните организации за промоција и заштита на човековите права: Меѓународната федерација за човекови права (FIDH), Амнести интернешнал и Хјуман рајтс воч (HRW): Заедничка изјава Државите треба да дејствуваат за да ги заштитат човековите права во Палестина и да го демонтираат израелскиот апартхејд;
  • акцентирајќи ја важноста на најновата Резулација A/ES-10/L.25 на Генералното Собрание на ООН за заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарните обврски (26 октомври 2023), која е изгласана со повеќе од двотретинско мнозинство на полноправните земји-членки на ЕУ

***

Д Е К Л А Р А Ц И Ј А: ЗА СОЛИДАРНОСТ СО ПАЛЕСТИНСКИОТ НАРОД И ОСУДА НА ИЗРАЕЛСКАТА ОКУПАЦИЈА

  1. Собранието на Република Македонија, изразувајќи солидарност со палестинскиот народ, на кој насилно му е одземено елементарното право на самоопределување и имање сопствена држава – и покрај бројните одлуки на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации – ја осудува окупацијата на палестинските територии, воените злосторства врз палестинските цивили извршени од страна на безбедносните сили на Израел и девастирачката состојба со индивидуалните и колективните човекови права на Палестинците.
  • Собранието на Република Македонија, јасно и недвосмислено, ги осудува политиките на апартхејт имплементирани врз палестинскиот народ од страна на израелските окупациони сили, а кои се документирани од страна на кредибилни меѓународни организации за заштита на човековите права, и се однесуваат на:
  • вештачкото создавање израелски населби во окупираните подрачја, во контекст на доселеничко-колонијалните провокации врз староседелците и тамошното автохтоно население;
  • масовни запленувања на земјишта и имоти и насилни депортации, погроми и иселувања на етничкото палестинско население;
  • насилни трансфери, ограничувања на слободата на движење, негирање на националноста, секојдневни малтретирања и комплетна дехуманизација на Палестинците;
  • осакатувања и свесно нанесување сериозни телесни повреди и неказнети убиства на недолжни цивили, а особено изразена таргетирана репресија врз палестинските деца и малолетници.
  • Собранието на Република Македонија смета дека Палестинците се жртва на окупаторските репресии од страна на Израел, поддржан од САД, кој со децении не ги почитува обврските произлезени од релевантните одлуки на Советот за безбедност на ОН и повиците од меѓународните организации за прекинување на злосторничките окупациски дејствија, како и обврските кои произлегуваат од меѓународните документи за заштита на основните човекови права и почитување на правото на самоопределување на палестинскиот народ.
  • Собранието на Република Македонија, Израелско-Палестинскиот конфликт  го оценува како последица на повеќедецениската окупација и терор врз палестинското население, кој задира голем број невини жртви и резултира со бројни апсења и убиства на старци, жени и деца, уништување на јавни и приватни имоти и верски објекти, како и повреда на религиозните чувства и ограничувања во слободата на движење на обичното население – претворајќи го Појасот Газа во еден огромен концентрационен логор на отворено.
  • Собранието на Република Македонија, при изразувањето силна меѓународна поддршка на палестинскиот народ во неговата антиимперијалистичка и антиколонијална борба за слобода, особено ја зема предвид сличноста помеѓу трагичните судбини на Палестинците и на Македонците од Егејска Македонија, кои исто како и Палестинците во изминативе 75 години, во минатото биле жртви на етничко чистење, масовен егзодус, државен терор, систематско протерување и геноцид – поради што современата македонска Република има историска и морална обврска да апелира и да се заложи за заштита и почитување на основните човекови права на Палестинците и оживување на нивното ускратено и негирано право на самоопределување и имање своја независна национална држава, со главен град Ерусалим.
  • Собранието на Република Македонија ѝ наложува на Владата на Република Македонија, особено на претседателот на Владата (премиерот) и на министерот за надворешни работи (шефот на дипломатијата):

– да имаат пообјективен пристап кон случувањата меѓу двете завојувани страни (Израел и Хамас), со доза на непристрасност и без заземање страна во конфликтот, како што послушнички прават досега;

– да не ја следат наивно западно-центристички наложената линија, за која сведочиме дека ги одобрува ужасните воени злосторства и прекумерната употреба на сила од едната страна;

– да иницираат процес на меѓународно признавање и воспоставување дипломатски односи на ниво на амбасади со независната држава Палестина.

  • Собранието на Република Македонија, го повикува Претседателот на Републиката и неговиот Кабинет, со сите свои ресурси и капацитети, да ја искористи позицијата на Република Македонија во ОН и:

– веднаш да го отповика македонскиот амбасадор во ОН, кој на седницата Генералното собрание, одржана на 26 октомври 2023 година, спротивно на волјата на македонскиот народ и на сите граѓани на РМ гласаше „воздржано“ за последната Резолуција за заштита на палестинските цивили;

– непоколебливо да се заложи за мир од двете страни, барајќи одговорност и правда од меѓународните институции кои ги гарантираат човековите права, за воените злосторства и користењето на непропорционална и прекумерна воена сила, заради која страда невино цивилно население – вклучително и пред Меѓународниот кривичен суд (Хаг);

– дополнително да побара одговорност и најсурова осуда за нападот од омраза врз болниците, лекарите и медицинскиот персонал, како и за нечовечниот и антицивилизациски прекин на снабдувањето со вода, струја и лекови во Појасот Газа, како дејтвија кои се спротивни на апсолутното човеково право на живот;

– како Врховен командант на вооружените сили, во перспектива да ја вклучи Армијата на Република Македонија, во рамки на мировните сили на ООН, активно да помогне во контингентите за хуманитарна помош и на тој начин даде придонес за заштита на жртвите од суровата војна, како и пружање помош на немоќните, ранетите и повредените.

  • Оваа Декларација, по дипломатски канали, итно да се достави до: Обединетите Нации, Советот на Европа, Европската Унија, ОБСЕ-ОДИХР, како и до владите на сите земји-членки на ООН и до други меѓународни организации кои се залагаат и работат на промоција и заштита на човековите слободи и права.
  1. Декларацијата веднаш да се објави во „Службен весник на Република Македонија“ и да влезе во сила истиот ден, како општ парламентарен став за ова прашање од пошироко општествено-политичко и меѓународно значење.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Број: 08 – ___________ ноември 2023 година СкопјеПретседател на Собранието на Република Македонија, м-р Талат Џафери – с.р.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Со оваа Декларација, пратениците на Левица, му предлагаат на Собранието на РМ, како уставен носител на законодавната власт и средиште на парламентарниот плурализам, да го изрази својот политички став за неприфатливите, нечовечки и страотни сцени на масакри и колективна траума кои секојдневно доаѓаат од разурнатата Газа, осудувајќи ја илегалната израелска окупација на палестинските територии.

Сметаме дека нормативниот текст на Декларацијата во склад со традицијата на југословенската дипломатија и истиот е прифатлив за сите политички чинители застапени во македонскиот парламент, а ова особено во духот на интернационализмот и меѓународната солидарност.

Со оваа Декларација, пратениците на Левица, му предлагаат на Собранието на РМ, како уставен носител на законодавната власт и средиште на парламентарниот плурализам, да го изрази својот политички став за неприфатливите, нечовечки и страотни сцени на масакри и колективна траума кои секојдневно доаѓаат од разурнатата Газа, осудувајќи ја илегалната израелска окупација на палестинските територии.

Сметаме дека нормативниот текст на Декларацијата во склад со традицијата на југословенската дипломатија и истиот е прифатлив за сите политички чинители застапени во македонскиот парламент, а ова особено во духот на интернационализмот и меѓународната солидарност.