МНР ќе изнајмува возила за 960.000 евра за гостите на самитот на ОБСЕ

Речиси еден милион евра ќе потроши МНР само за изнајмување на возила со кои неколку дена ќе се превезуваат низ Скопје министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ за време на самитот во декември.

Договорот е склучен со компанијата „АБЦ Рент а кар ДООЕЛ Скопје“, која била единствен понудувач на огласот.

Компанијата „АБЦ рент а кар“ треба да изнајми 175 возила, меѓу кои се 35 ВИП возила задолжително во црна боја, 70 автомбили од средна класа, 25 треба да бидат миниван, 25 минибуси и 10 автобуси….

Возилата треба да бидат во техничка исправна состојба, со репрезентативен ентериер и екстериер и со полн резервоар гориво. Изминатата километража на ВИП патничките автомобили на денот на примопредавање (24 ноември 2023) не смее да биде поголема од 200.000 километри, пишува во договорот на набавка.

Според овој договор, само едно ВИП возило на еден ден државата ќе ја чини 29 илјади денари без ДДВ. Иако, на пример, возилат од марката Пасат или Суперб, кои ги користат владините функционери, според официјалниот ценовник што може да се најде на страната на компнијата, се од 94 до 154 евра дневно, во зависност од времето на изнајмување.

Од МНР нема објаснување за цените, но од таму велат дека станува збор за рамковен договор и очкуваат да биде потрошена само половина од предвидената сума, бидејќи се планира да бидат искористени и сите службени возила што ги има државата..

Степенот на искористување да договорот ќе зависи како од расположливите ресурси за време на одржување на Конференцијата, така и според бројноста на делегациите кои ќе се регистрираат за учество. Според досегашните проценки, се очекува да бидат искористени помалку од половина од предвидената рамка. – велат од МНР.

На конференцијата на ОБСЕ во Скопје најавено е дека ќе допатуваат 70 делегации на највисоко ниво, вклучувајќи и високи претставници од меѓународни организациии. Овој настан, што според МНР ќе биде најголемиот надворешно политички настан што некогаш бил организиран во земјава, ќе се одржи во салата Борис Трајковски, за чија пренамена МНР потпиша договор со компанијата „Еуровиа“ од Тетово вреден 1,8 милиони евра.

За овој случај, предмет отвори анкикорупциска, поради наводите дека компанијата и нејзиниот сопственик се меѓу најголемите донатори на ДУИ.

Преземено од Канал 5