Потресен исказ за Онкологија во судница: Не ми беше за парите што му ги давав на аптекарот, туку затоа што не ми се даваше терапија!

Не ми беше за парите што му ги давав кога ми даваше биолошка терапија за ракот на белите дробови, туку ми беше за тоа што забележав дека не ми се даваше терапија. Во шишето, односно во инфузијата, немаше повеќе пена којашто вообичаено би требало да ја има кога ќе ја примиш биолошката терапија, туку беше чиста течност без пена внатре. Наредниот ден немав веќе болки или нус ефекти коишто вообичаено ми се појавуваа од биолошката терапија. Му ги барав ампулите, шишенцата, да ми ги покаже каде се за да се уверам дека примам терапија, а не вода, но тој ми рече дека се веќе фрлени и не знае каде се“.

Со ваков потресен исказ, пациентката од Клиниката за онкологија Минка Веизовска денеска сведочеше во судница против аптекарот од Клиниката, Калтрин Уштеленца кој е обвинет дека од Веизовска примил поткуп за да ѝ издаде биолошка терапија „Кејтруда“, која инаку требалo бесплатно да ја прима како осигуреничка на Фондот за здравство и пациентка со карцином. Иако настанот се случил пред околу 1 година, младиот Уштеленца според информации на „Слободен печат“, уште е на платниот список на Клиниката за онкологија и зема 50 проценти од платата. Тој денеска рече дека не се чувствува виновен за кривичното дело кое му се става на товар – „примање поткуп“.

Пациентката Веизовска рече дека после примени две хемотерапии во „Систина“ и две мешани – хемотерапии со имунотерапија, карциномот кај неа сосема се повлекол. Тогаш нејзината докторка од Клиниката за онкологија, Симонида Црвенкова, ѝ препорачала да се лекува само со имунотерапија, превентивно. Ама имунотерапија некогаш имало, а некогаш немало зашто е скапа, а Веизовска била добар кандидат за неа, зашто, како што рече, резултатите покажале дека процентот на компатибилност на „Кејтруда“ за нејзиниот вид карцином бил високи 70 проценти.

-Се случуваше многу пати да ја прескокнам биолошката терапија, да ја нема. За некои ја имаше, а за некои не, па после тоа правевме договори за да ја има и за мене. Кој ќе си даде пари, за него имаше. Си доаѓаа самите аптекари, самите сестри. Не беше проблемот во парите, туку во тоа што забележав дека мене не ми се дава терапија. Ја видов амбалажата и на неа немаше име на лекот. Трчкаа сестрите и ми велеа да не кажувам дека примам биолошка терапија зашто ја криеле за мене. Забележав дека нешто се случува, но не бев сигурна што. Од биолошката терапија има некои несакани појави наредниот ден, а кај мене тие престанаа да се појавуваат. Ми стана сомнително што аптекарот Калтрин Уштеленца при секое земање на мојата биолошка терапија, одеше прво на шалтер кај вработената, па влегуваше кај докторката Симонида Црвенкова. Ми рече дека ова што го примам, односно терапијата „Кејтруда“ се наплаќа и дека докторката му наредила да се чува за мене. Рече, ова чини пари, без пари нема терапија, рече Веизовска во судница.

Според нејзиниот исказ, наместо сестрите терапијата ѝ ја носел аптекарот Уштеленца.

-Ми рече дека треба да ја плаќам кај него лично, за да ми ја крие. Потоа си теравме ние подолго време така. Јас го прашав, дали некогаш ќе има регуларно терапија без да ја плаќаме, а тој ми одговори дека никогаш нема да има без пари. Имаше и професор доктор, чија сопруга имаше карцином. Аптекарот ме убедуваше дека и професорот морал да плаќа за да има терапија за неговата жена. Со оглед на тоа што имам тешка болест, јас друг избор немав. Кога го прашав колку пари треба, рече од 50 до 100 евра. Ама никому од сестрите да не кажувам, да немам контакт со другите вработени. Ако разберел дека имам контакт со други, немало да има терапија за мене, рече Веизовска.

Таа додаде оти најголемиот проблем почнал кога почнала да се сомнева оти не ѝ се дава терапија.

Кога почнав да се сомневам дека не ми се дава терапија, тоа ми беше најголемиот проблем, а не парите. Истрча аптекарот, ми донесе некоја амбалажичка. Во исто време дојде и една сестра, Јасмина, ме гушна и рече „немој да кажуваш дека ти даваме терапија денеска, ја криевме за тебе“. Ја погледнав терапијата дека нема пенаста состојка во неа, а тој ме убедуваше дека има. Тоа се две ампули што треба да се стават во физиолошкиот раствор. Треба да пишува „Кејтруда“. Немаше име на лекот. Веднаш се јавив кај докторката и ја прашав, докторке, што земав јас денеска? Таа ми рече да не паничам, дека примам имунолошка терапија и дека можеби ја криеле за мене и да имам доверба во нив. Го барав Калтрин, да ми ги покаже скршените ампули „Кејтруда“, јас имам право да видам дали навистина ја земав имунотерапијата или не, но тој кажа оти сега се фрлени и не знае каде се, рече Веизовска.

Сомнежот, стравот и безизлезот на Веизовска се продлабочиле и затоа таа почнала да проверува по свои канали дали на Клиниката за онкологија има „Кејтруда“ или нема.

Се јавив кај главната сестра која во тој момент не беше на работа, тоа е сестра Моника која е од Кичево и нејзиниот број ми го даде докторката. Ја прашав сестра Моника дали има воопшто имунотерапија на Клиниката за онкологија во моментот, а таа ми одговори дека нема. Тогаш веќе сомнежот ми се потврди. Господинот Калтрин разбрал дека сум се јавила да проверувам дали има или нема „Кејтруда“ во болницата. Се налути, ми кажа дека само со него сум требала да си имам работа и немало потреба од јавување на други места. И рече „пази што правиш, во мои раце си“. Јас се исплашив. Барав помош кај директорите. Но не беа на работа. Нехат Нухи бил на одмор тој ден, а Нино Васев бил на пауза па затоа дента не можев да се сретнам со нив. Следниот пат кога дојдов на Онкологија, појдов кај директорите, ги најдов двајцата и кај нив го пријавив случајот. Калтрин ме брзаше, бара пари, рече требало да оди во Косово. Ако не завршам порано, немало да ми ја чува терапијата. Кога му го кажав ова на директорот Нухи, дека Калтрин ми се закани „во мои раце си“ тој ме разубеди дека не смееме да дозволиме да има закани врз пациентка. Го пријавив аптекарот во полиција, се присетуваше Веизовска.

Обвинителот Ајбеан Ајдини ја испрашуваше Веизовска, а нејзините одговори одеа во насока дека аптекарот ѝ ја носел терапијата на маса наместо сестрите, а таа му ги давала парите во рака. Веизовска истакна дека во моментот кога со директорите на Клиниката за онкологија договарале како да го фатат Уштеленца на дело, телефонот бил на спикерфон, па така двајцата директори и Нино Васев и Нехат Нухиу имале шанса да го слушаат разговорот со аптекарот. За 10 минути стигнала полицијата.

Се договоривме да го фатиме на лице место, во соработка со инспектор Љупче. Инспекторот ми ја објасни постапката и ме посоветува дента да не му давам пари на Калтрин, туку да го одложам давањето за следниот пат и на следното видување да му ги дадам парите, за да биде фотографирана банкнотата. Ме викнаа во полиција, ја сликаа мојата банкнота од 100 евра и ми објаснија да им дадам знак кога банкнотата ќе биде кај аптекарот, кога ќе ја прими. Да го апсат, да видат самите. После тоа, многу ме брзаше Калтрин, да дојдам до 10 часот, а во спротивно рече дека нема да ми ја чува. Рече дека се брзал многу, за Косово ќе одел, истакна Веизовска.

Потоа се било организирано за да настапи примопредавањето на кешот во присуство на распоредените инспектори.

Калтрин имаше земено за јадење. Го почекав да јаде позади болницата, ми беше жал да биде гладен. Полицијата беше организирана. Ми кажаа да им дадам знак, односно кога Калтрин ќе ги земе парите, да го подотворам палтото. Му ја дадов банкнотата од сто евра, си ја стави во џеб, го видоа сите инспектори и ми кажаа да си одам. Тие видоа со свои очи дека ги зема парите. Не беше поентата до парите, туку во терапијата, рече Веизовска.

Адвокатката на аптекарот, Александра Богдановска ѝ поставуваше прашања на пациентката и директно и вкрстено. Таа истакна дека банкнотата од 100 евра не била вештачена и на неа нема папиларни линии, односно нема отпечатоци од прстите на Калтрин Уштеленца. Односно, дека тој не ја допрел банкнотата, туку таа му била ставена.

Во вашиот исказ кажавте дека со обвинетиот сте се запознале уште на почетокот кога сте станале пациент при првата имуно терапија, дали ќе се согласите со мене?

Веизовска рече:

Да, ко на пазар ги нудеше терапиите.

Кажавте дека обвинетиот сте го запознале во дневната болница.

Да, таму лично ми ги носеше инфузиите.

Веизовска рече дека има видео на кое аптекарот ѝ бара 100 евра мито.

Бранителката Богдановска ја праша дали Уштеленца ѝ барал пари пред некој сведок, на што Веизовска одговори негативно.

За следното рочиште како сведоци ќе бидат повикани екс-директорот на Клиниката за онкологија доктор Нино Васев, под околности дека Веизовска тврди оти пред него го пријавила Уштеленца, како и инспекторот од МВР Љупчо Тодоровски.

Адвокатката на Уштеленца бараше да бидат сослушани и еден куп други лекари и сестри од болницата, меѓу кои докторката Симонида Црвенкова и раководителката на клиничката аптека, со цел да го објаснат патот на издавање на лекот, но судот тоа го одби, откако адвокатот на оштетената и обвинителот приговараа, со образложение дека случајот е за примање поткуп, а тие немаат врска со поткупот.