„Еуроникел индустри“ е пред згаснување

„Еуроникел индустри“ е пред згаснување. Струја за последната активна печка има за уште 24 часа, а пари за исплата на вториот дел од плата на вработените нема. Ваквиот потег значи дека компанијата нема да работи и дека 800 вработени ќе останат без своите работни места, се вели во соопштението од ССМ и СИЕР.

Еден час траеше денешниот мирен протест на вработените пред портите на комбинатот, а од синдикатот соопштија дека генералниот директор не бил присутен во фабриката, ниту пак некој од менаџментот ги примил.

Менаџментот наредил да се изгасне и последната печка, но вработените одбиле да го сторат тоа, но проблемот е што доколку нема пари ќе се прекине испораката на струја.

„Моменталната ситуација во компанијата е следна. Во вчерашниот ден директорот даде наредба да се изгасне печката а тоа значи згаснување со работа на комбинатот минимум година. Ние како синдикат застанавме цврсто на своите ставови дека нема да ја изгаснеме печката и ако треба со жив штит ќе ја браниме компанијата. Да во право сте.Ние нема да дозволиме да се иклучи од нашите работници но доколку комбинатот не купи струја ЕВН со сигурност ќе ја сопре испораката на струја а тоа значи дека ќе застане фабрика. Во прашање се минути и часови“ изјави Игор Герасов, претседател на СИЕР.

Вработените сè уште чекаат на исплата на целосната сума од септемвринската плата.

„Вчера беше ветено дека септемвриската плата ќе се исплати во целост. Изминатиот период, пред три дена, е исплатена само минималната плата на работниците додека сите додатоци, сменско работење, ноќно и празници не е исплатено.Не можам да дадам конкретна информација, бидејќи генералниот директор денеска не беше на работа“, изјави Игор Герасов, претседател на СИЕР.

Од Синдикатот најавија дека и утре ќе се одржи едночасовен мирен протест пред влезот на „Еуроникел индустри“ и апелираа од надлежните да интервенираат и да се спречи згаснување наовој комбинат, каде што има огромен број на работници.