Левица нуди бесплатна правна помош на работниците кои работат за празници

Преку соопштение на официјалната веб страна и официјалниот ФБ профил, Левица ги повика вработените во трговските центри и супермаркетите да побараат бесплатна правна помош од партијата, доколку се приморани да работат за време на новогодишните празници. Во соопштението е наведено дека правниот тим на Левица ќе ги поднесе соодветните пријави против работодавците кои ги нарушуваат работничките права.

„Пред околу 20 години, чудно беше некој да работи за време на државен празник, а денес, чудно е кога некој не работи. Толку многу сме отишле назад во времето што работниците и работничките кои работат за време на државните празници тоа го прифаќаат како нешто најнормално и секојдневно, без притоа да се запрашаат колку е тоа во согласност со закон. Денес, кога ќе прашате работник дали работи на некој празник, ќе ви одговори ‘па нормално дека да’. Не е толку болно тоа што се работи за празници, колку што е болно тоа што на таа појава се гледа сосема нормално.“, стои во ставот на Зоран Василески и Џејлан Велиу, членови на президиумот на Левица.

Во соопштението, Левица ги повикува и Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат на трудот да ги реализираат на терен своите законски обврски и соодветно да ги санкционираат работодавците кои и оваа година мислат дека ќе поминат неказнето, експлоатирајќи илјадници работници и принудувајќи ги да работат за време на државните празници.

Не е прв пат Левица да понуди правна помош за работниците чии права се нарушени истото се случува веќе  неколку месеци, а од партијата велат дека со ова соопштение, тие само дополнително ги повикуваат и потсетуваат работниците да побараат правна помош, во период од годината кога „традиционално“ противзаконски се приморани да работат.