Пратениците на Левица остварија средба со амбасадорот на НР Кина
- Соопштение на Политичката партија Левица
Денес, 18 октомври 2023 година (среда), претседателот на Левица проф. д-р Димитар Апасиев, заедно со пратеникот Борислав Крмов, остварија работна средба со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија – Н.Е. Џанг Ѕуо.
На оваа прва официјална средба, која се одржа во т.н. Струшка соба во Собранието на Република Македонија, се разговараше за повеќе актуелни теми од билатерално и мултилатерално значење, а меѓудругото стана збор за: тридеценискиот јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји (1993-2023); кинеската глобална иницијатива „Појас и пат“ и соработката со земјите од Централна и Источна Европа и Западен Балкан; можностите за продлабочена соработка во сферата на науката, образованието, земјоделието, градежништвото, трговијата, културата и туризмот; геополитичките предизвици со кои се соочува Новиот мултиполарен свет и др.
Амбасодорот Џанг и неговата придружба информираа за одржувањето на меѓународниот форум на високо ниво во Пекинг за Иницијативата „Појас и Пат“ на кој учествуваат лидери од 140 држави во светот, како и претставници на 30 меѓународни организации. Амбасадорот нагласи дека форумот е одлична можност за склучување на стратешки договори за важни инфраструктурни проекти кои се дел од оваа иницијатива за глобален раст и развој.
Пратеникот Апасиев ги истакна како добар пример: восхитувачкиот економски раст на Кина; искоренувањето на сиромаштијата за над 800 милиони луѓе во земјата; значајната модернизација на Народна Република Кина постигната преку изградба на специфичен социјалистички систем со кинески карактеристики – и изрази надеж дека, во блиска иднина, ќе се интензивира соработката во сите области од заеднички интерес за двете земји, со посебен акцент на образованието (со можност за размена на студенти), како и дека потребно е да се искористат сите можности што ги нуди иницијативата „Појас и пат“, како и организацијата БРИКС.
На крајот, сoговорниците се сложија дека ваквите средби треба да станат традиционални и да се одржуваат почесто во иднина, а беше изразена подготвеност за идна плодна и активна соработка со Амбасадата на НР Кина и со раководството на Комунистичката партија на Кина.