Груевски: Постои отворена соработка помеѓу Мицкоски и Заев

Во интервју за српскиот весник „Политика“ поранешниот премиер на Република Македонија и осуден криминалец кој е во бегство, ја потврди соработката помеѓу актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски и поранешниот претседател на СДСМ – Зоран Заев, за која претходно кажа дека е континуирана.

Информацијата која ја даде Груевски за соработката помеѓу Заев и Мицкоски зад грбот на јавноста меѓувремено ја потврди и актуелниот Mинистер за внатрешни работи – Оливер Спасовски.

„Стојам зад тие изјави. Во меѓувреме стаса и јавна потврда од Mинистерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, за соработката меѓу Заев и Мицкоски, кога во интервју за македонски медиум истакна дека Заев на партиски состанок во седиштето на СДСМ го запознал раководството на партијата за содржината на разговорите со Мицкоски. Значи тоа веќе не е тајна, ниту непроверена информација“, – изјави Груевски за Политика.

Во продолжение тој додаде дека наместо борба против Заев, Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ станал негов најголем сојузник, поради што е направена непроценлива штета на Македонија.

За жал, наместо да се бори да го порази Заев на политичката сцена и да помогне во запирање на неправдата која преку политички прогон ни е спроведена мене и на моите поранешни соработници, Мицкоски стана најголем сојузник со оној кој го креираше и диктира тој политички прогон. Заев направи непроценлива штета на Македонија, особено неговите ставови во врска со националните прашања.