Џафери пак го крши Деловникот – на адвокатите Митровски и Пешевски не им дозволи присуство на седница

На денешната собраниска седница, како точка на дневен ред беше ставен предлог-Законот за амнестија на осудените од 27 април, инициран од адвокатите Јанаки Митровски и Драги Пешевски. Предлогот не се стави на дневен ред, откако од 100 присутни пратеници, 41 пратеник гласаа за, 58 пратеници гласаа против и еден пратеник беше воздржан.

Пратеникот од редовите на Левица, Димитар Апасиев, имаше процедурално обраќање, каде го праша спикерот Џафери зошто на адвокатите Митровски и Пешевски не им било дозволено присуство на седницата, како иницијатори на овој предлог-закон.

„Членот 226 предвидува дека граѓаните можат да ги следат седниците на Собранието и на работните тела од галериите, во согласност со прописите за внатрешниот ред на Сoбранието. Иако овие адвокати прописно побарале да бидат присутни денес во галеријата, вие сте им го ускратиле законското и деловничко право на граѓаните кои се иницијатори. Зошто на овие двајца адвокати им е оневозможено да бидат присутни како иницијатори, кога Деловникот тоа го дозволува? – праша Апасиев од собраниската говорница.