„Паралелни светови“ фотографска изложба на Денис Јагџи
Изложбата на фотографии „Паралелни светови“ од младиот фотограф Денис Јагџи ќе се отвори во четврток (19 октомври) во Сули ан.
„Во современиот технолошки галамтијас живееме со крупни чекори и со ширум отворени очи и гради, прифаќајќи ги придобивките и предностите од новите цивилизациски изуми, а не размислувајќи, ниту пак осврнувајќи се на жртвите кои ги принесуваме прифаќајќи го ‘данокот’ на новата технократска доба. Побргу комуницираме, виртуелно споделуваме информации со еден клик, работата ни ја олеснуваат разновидни помагала, а ние наместо да ги зачуваме вредностите кои се суштина на егзистирањето, стануваме робови на самите технолошки помагала кои треба всушност да ни го ‘олеснат’ животот. Зависноста која ја создаваме кон нив нѐ претвора во маѓепсани марионети кои колективно ‘влегуваат во матриксот’ на хибридниот медиумско-платформски пејзаж и комплетно ја менуваат когнитивната перцепција на нормалното хуманистичко функционирање. Да не говориме за етичко-моралните прашања кои се проицираат од ваквиот мизансцен и кои на едно сосема цивилизациско рамниште го поставуваат дискурсот за лимитите на хуманистичката дистопија“, се вели во описот.
Јагџи обработува еден сегмент од ваквата реалност, создавајќи инсценирани и мрачни техничко-електронски паноптикуми, како своевидни „стаклени кутии“, во кои вгнездува неприродни за средината тела – детски играчки. Младиот фотограф, како што се додава во описот за изложбата, ги конфронтира овие два света кои се борат помеѓу себе и кои се белег на денешниот социо-општествен хабитус.
Отворањето на изложбата ќе биде во 19 часот.