Разговор со Баковска и Димоски, автори на книгата „Во главата пишувам расказ“ во Градската библиотека во Скопје
Утре 10 октомври со почеток од 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје- Спомен-соба „Т’га за југ“ ќе се одржи разговор со Елизабета Баковска и Сашо Димоски, автори на фотокнигата „Во главата пишувам расказ“ која е книга за месец октомври.
Книгата „Во главата пишувам расказ“ е спој на 64 лирски прозни минијатури со 115 фотографии, чија нарација буди слободни асоцијации. Делото е резултат на специфично партнерство на двајца автори што работат во различен медиум.
Книгата „Во главата пишувам расказ“ е прозен, лирски, животен „сендвич од деца и возрасни, прво како зајре, а потоа како лепче“; книга за родители и за нивните деца кои станале родители; за мајка и ќерка која станала мајка… Книга за последните денови од животот и за првите денови на смртта; за краткиот период во нашите животи кога истовремено ги играме двете улоги во животот: некому сме дете, другему – родител; визуелно – текстуална – емоционална мапа на едно постоење или најмногу од сѐ: вистинска книжевна Виа Долороса на Баковска, за која таа во 42. расказ вели дека е еднаква на „патот од кујната до спалната“ и дека е „долга две недели“, а јас би додала дека е бескрајна и безвремена, впечатлива кота на картата на најновата македонска книжевност –пишува Оливера Ќорвезироска во предговорот на книгата.
Разговорот ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
—
Елизабета Баковска (Битола, 1969). Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Била главен уредник на електронското списание за култура и литература Блесок (www.blesok.mk). Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на повеќе јазици. Авторка е на 14 книги.
Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок. Зад себе има неколку самостојни изложби, неговите фотографии се дел од неколку книги. Тој е коавтор на фотокнигата „Во главата пишувам расказ“.