Наместо конфискација на имот имаме само ослободување на корумпирани функционери
Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството нема веќе да учествува во изработката на новиот Кривичен законик (КЗ), откако Министерството за правда, Владата и Собранието, каде што и ВМРО-ДПМНЕ беше соучесничка правејќи кворум на седницата, извршија упад во правниот систем и самите донесоа измени на КЗ за уништување на предметите на СЈО и на ОЈО за организиран криминал, во кои се гонат поранешни функционери.
На 6 септември преку ноќ и по брза постапка (со европско знаменце), власта предложи и донесе измени на КЗ во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор. Тоа значи дека предметите за злоупотреба на функцијата сега ќе застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.
Ставот 5, кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените се брише и веќе не постои.
Блупринт групата во која спаѓаат седум граѓански организации меѓу кои и Македонско здружение на млади правици, Институт за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Хелсиншки комитет за човекови права, смета дека учеството е беспредметно во постапка која суштински го озаконува незаконитото.
„Клучната причина за нашето повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 Септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата. Постапката во која беа донесени овие измени, како и нивната содржина во делот на трите клучни дела за борба против корупција, се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата за измените“, велат овие невладини организации, кои се вклучени во Стратегијата за реформи во правосудството.
Тие остро реагираат на дрска злоупотреба на т. н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки.
„Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека ‘плаќа дупло’“, реагира Групата.
Неодамна, Блупринт групата се повлече и од работната група за изработка закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, зашто по ваквото амнестирање на бивши и актуелни носители на власт, ова со конфискацијата е фарса и замајување на граѓаните.
„Конфискацијата не може да го покрие амнестирањето од криминал, запирање на постапките поради застареност. Ќе нема што да се конфискува. Не учествуваме во замајување на граѓаните“, категорични се од Блупринт групата.
Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупција.
„Оттука, ако постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме“, велат невладините.
Според нив, вклученоста на граѓанскиот сектор во процесите на креирање политики е од суштинско значење за владеење на правото, но ако граѓанскиот сектор е навистина вклучен во истите преку конструктивно работење. Вклученоста на граѓанскиот сектор не смее да се користи како алатка за давање на легитимитет на процесите и да служи како декор во рамки на работните групи за измена на закони.
„Со оглед на целосната состојба каде се дава легитимет на нелигитимното, Блупринт групата нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци – го надминува јавниот интерес и општественото добро, а политички цели и интереси – се издигнуваат над темелните вредности“, кажаа денеска овие невладини организации.
- Текстот е превземен од sdk.mk