Македонија промени сè, Грците досега сменија еден сообраќајен знак

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека суштинскиот дел од Преспанскиот договор е испочитуван од двете странии, а во делот на обврските за сообраќајните знаци од Грција го информирале дека смениле еден знак.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека суштинскиот дел од Преспанскиот договор е испочитуван од двете странии, а во делот на обврските за сообраќајните знаци од Грција информирале дека смениле еден знак.

– Ние во 95 проценти сме ги исполниле нашите обврски. Грција во својот суштински дел, а тоа е поддршка на НАТО и ЕУ интеграцијата, го има испочитувано. Ние сме останале во неколку институции каде надлежноста не е на Владата, на пример МАНУ, МРТ и федерациите. Тоа е што е останато во нашиот дел. Грција има во делот на одредени сообраќајни знаци, дури вчера не информираа дека еден знак го имаат сменето, и три договори коишто не се директно поврзани со Преспа. Стоеше Скопие, а сега е Скопје, од вчера мислам се сменети. Затоа што насоките се до градовите, а не до државите, такви се правилата на сообраќајните знаци. Но, отприлика тука сме во исполнувањето од двете страни – рече Османи, во гостување во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Во однос на можноста да биде кандидат за претседател на државата, Османи рече дека тоа „зависи од проценките каде е најкорисен“ и оти „остава тоа да се одлучи во структурите на партијата“.

Во однос на тоа дали по непотпишувањето на указот за Законот за игри на среќа претседателот Стево Пендаровски нема да може да смета на поддршка од ДУИ во случај повторно да се кандидира, Османи рече дека тие две работи не се поврзани и повтори дека е дискутабилно образложението дека непотпишувањето е заради европското знаменце.

За него, т.н „Хашки случаи“ се затворени, а лидерот на ДУИ Али Ахмети нема да се соочи со неславен крај.

Прашан зошто толку долго не го објавувале во јавноста писмото на комесарката за човекови права во Советот на Европа, Мијатович која бара реактивирање на хашките случаи, рече дека тоа писмо го видел од медиумите и оти нема коментар, но оти таа тема се отвора пред секои избори.

– Јас од медиумите го видов тоа писмо, не сум го видел претходно. Тоа е апсолвирано прашање, бидејќи ниту имало процес во Хаг и тука е констатирано дека нема основи за процеси – рече Османи, посочувајќи дека апсолутно смета дека хашките случаи се затворени.