Левица: Ги исполнуваме програмските ветувања – за потребите на Скопје формирана ЈУ за урбанизам

  • Соопштение на Политичката партија Левица – град Скопје

Една од најприоритетните заложби на Левица – Град Скопје за локалната власт во градот за периодот од 2021 година до 2025 година – формирање на Јавна Установа за урбанизам на Град Скопје – е исполнета!

На денешната 15-та седница на Советот на Град Скопје, со 24 гласа ЗА, усвоена е Предлог-Одлуката за формирање на Јавна Установа за урбанизам „Кензо Танге“, и со тоа граѓаните на Скопје повторно ќе имаат градска установа која ќе го штити јавниот интерес за оптимизација на урбанизмот во градот, и ќе придонесе до рамномерен и одржлив развој на територијата на градот.

Жителите на Скопје, се сведоци за недостатоците во урбанистичкото планирање на градот, но и за резултатите кои приближувањето на политиката со урбанистичката мафија ги даде како плод. Во приватниот сектор, постои само една цел – профит! Профитирањето врз грбот на квалитетот на животот во градот е неприфатливо и долгорочно погубно за градот кој веќе 30 години активно го губи својот сјај.

Во 2017 година во неразјаснет пожар изгоре Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје, институција која ѝ пречеше на политичко-градежната мафија. Уништувањето на оваа институција почна многу порано, кога беше претворена во приватно акционерско друштво. Намерата беше јасна – урбанистичката мафија да ги крои урбанистичките планови наместо тоа да го прават професионалци кои се водени од современите стандарди за урбано и безбедно живеење и на кои интересите на градот и граѓаните им се приоритет.

Со цел Скопје да престане да биде жртва на непланирано и непрофесионално градење, Левица во Град Скопје ќе го возобнови Градскиот завод за урбанизам како експертско, професионално и непартиско тело за подготвување на урбанистички планови и предлози во согласност со современите стандарди за урбано живеење и сознанието дека Скопје е енормно загаден град и лежи на трусна површина.

Градот убав пак ќе никне!