Чебрен го подарија, а војната за вода е веќе започната

  • Став на Дејан Димовски, член на Сектор енергетика при Политичката партија Левица

Владата на Македонија донесе уште една капитулантска одлука – реката Црна да ја даде под концесија на Грчка компанија ѐ со цел Грците да ја изградат хидроцентралата Чебрен.

Архиродон, грчка компанија, ќе ја гради централата Чебрен и како дополнителен бонус ќе го добие ХЕЦ Тиквеш. Срамниот договор во име на Македонија ќе го потпише ЕСМ, државна компанија која е задолжена да ги гради енергетските капацитети во државата. Повеќе од јасно е дека позади грчката компанија стои грчкото електростопанство. Владата свесно на странци ќе им остапи национално богатство на 60 години.

Владата свесно на Грците им остапува капацитет кој државата може да го изгради во период од 7 до 10 години и кој ќе претставува додадена вредност на електро енергетскиот систем на Македонија и ќе преставува техничка основа за балансирање на енергијата. 

Моментално, произведената електрична енергија од домашните капацитети е околу 60 евра за еден мегавтчас, а по подарувањето на Чебрен на Грците – електричната енергија која што би се произвела од Чебрен би изнесувала минимум двојно, односно 120 евра за мегаватчас. Оваа разлика ќе ја плати народот.

Отстапувањето на ХЕЦ Тиквеш на Грците како надомест за изградбата на Чебрен е веднаш префрлување на ХЕЦ Тиквеш од централа која врши балансирање на енергијата – во централа која ќе произведува електрична енергија по берзански цени. И оваа двојна разлика во цената ќе треба да ја плати народот.

ХЕЦ Тиквеш во 2014 година е ревитализирана и покрај производството на електрична енергија, нејзината акумулација се користи и за наводнување на Тиквешкото поле, еден од најсушните и најтоплите региони во Македонија. Со отуѓувањето на ХЕЦ Тиквеш земјоделците од Тиквешијата за сопственото водно богатство ќе треба да плаќаат надомест на Грците за наводнувањето на своите посеви. 

Инсталираната моќност во ХЕЦ Тиквеш е 113 мегавати и на годишно ниво хидроцентралата произведува 144 Гигаватчасови т.е 144000 мегват часови. На годишно ниво ХЕЦ Тиквеш во ЕСМ внесува 17 200 000 евра по берзанска цена од 120 евра за мегават час. За 60 години само ХЕЦ Тиквеш ќе му овозможи на грчкиот инвеститор кој ќе ја гради ХЕЦ Чебрен 1 032 000 000 евра (повеќе од милијарда евра) или безмалку двојно колку што чини изградбата на ХЕЦ Чебрен.

Ако проценката е дека ХЕЦ Чебрен би се изградила за 600 до 700 милиони евра – зошто истата не ја гради ЕСМ кога само за тековно трошоци последнава година зема кредит од 100 милиони евра?! Ако на Грците им отстапиме природно национално богатство и потоа цената на струјата ја плаќаме по берзанска цена тогаш нема потреба да ја загрозуваме Црна Река, едноставно ќе увеземе струја по берзанска цена без да се гради ХЕЦ Чебрен. Грчката компанија за изградба и одржување на ХЕЦ Чебрен во период од 60 години максимум ќе потроши 800 милиони евра, а ќе заработи над 3400 милиони евра плус заработката од ХЕЦ Тиквеш.

ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Тиквеш на наша територија, со експлоатирање на наше природно богатство, ќе учествуваат во енергетското балансирање на грчкото електростопанство.

Од политички аспект Грција е земја која историски го негира македонскиот идентитет, го оспорува нашето вековно име Македонија и за жал успеа преку предавничко-корумпираната влада на СДС да ја наметне додавката “северна“. И покрај сѐ, Владата носи инфантилна одлука за отстапување на национално богатство на Грците.

Чебрен е иста катастрофа како што врховистичкиот војвода ја продаде Окта на Хеленик Петролеум. Сега имаме рафинерија, а увезуваме нафта и нафтени деривата и дополнително плаќаме арбитражни пенали. 

Македонија стекна независност во 1991 година само поради стабилниот електро енергетски систем. Подарокот на Чебрен е подарок на државната независност на Грците. Впрочем, посетата на Ципрас во Струмица сигурно не беше поради тоа што се погодило слаткото од смокви на домаќините.

Во светот најголемите војни досега се водеа за контрола на нафтените полиња.Веќе е отпочната војна за водените ресурси. За жал, Македонија има предавничка Влада која за пусти пари распродава буквално сѐ.