Трајковски: Власта го погазува Парискиот договор за Зелена транзиција со најавата за отворање на рудникот „Живојно“

  • Став на професорот од Техничкиот факултет во Битола – Дејан Трајковски:

Властите притискаат за промени во Уставот поради наводен почеток на преговорите за членство во ЕУ, додека во исто време најавуваат отворање на рудникот за јаглен „Живојно“, со што ќе го погазат Парискиот договор за Зелена транзиција, а за што од ЕУ добиле грант од 80 милиони евра. Овие две постапки взаемно се исклучуваат.

Најавата за отворање на нов рудник за јаглен, иако се обврзале дека ќе ги затворат електраните на јаглен, е цврст доказ дека никогаш ниту имале сериозна намера за зачленување во ЕУ, ниту пак за градење обновливи извори на енергија, туку сето ова било само фрлање прашина в очи и барање брзи пари. Што се однесува до грантот од 80 милиони евра, доколку тие пари се веќе земени, не би требало да бидеме изненадени ако се веќе потрошени – и тоа токму за увоз на струја – наместо за изградба на обновливи извори на енергија.

Друга работа е што со тие 80 милиони евра можеме да изградиме одвај една фотонапонска електрана од 100 MW, додека за вистинска Зелена транзиција нам ни требаат најмалку 1.700 MW, како и капацитет за складирање на енергијата најмалку двојно поголем од Чебрен, што решиле да го прокоцкаат.

Штом на ваков грд начин, со лажење и замајување на јавноста решиле да се збогуваат со ЕУ, тогаш зошто сé уште инсистираат на уставни промени и внесување на Бугарите во Уставот? Само заради создавање привид дека работаат на влегувањето во ЕУ? Ова личи како возење со истовремено притискање на педалот за гас и сопирачката или давање трепкач за десно, а вртење лево. Така нема никаде да стигнеме.

Можеби мислат дека можат да ја лажат ЕУ исто како што нé лажат нас, ама таму не поминуваат ваквите простачки балкански марифетлуци, а грантот ќе мора да го вратат.