Судиите го штитат крупниот капитал во предметите за заштита на животната средина

Здрава животна средина е уставно право, но колку тоа се почитува и особено, колку се санкционираат прекршителите е спорно, беше речено на работилницата за надградба на знаењата на судиите и јавните обвинители за еколошката правда во во земјава, што се одржа во Велес.

„Потребен е мониторинг во правосудниот систем на случаите поврзани за заштитата на животната средина. За жал, досегашните мониторирања на случаите укажуваат на состојба која што укажува на заштита на крупниот капитал од страна на судиите. Тоа е поради нискиот капацитет на судовите, но и на Јавното обвинителство. Ваквите настани ќе значат многу во унапредување на знаењата“, кажа Кирил Ристовски од здружението „Флорозон“ кое ја организира работилницата финансирана од ЕУ.

Стручните лица велат дека еколошкиот криминал во Македонија е застапен. Одредени дела дури имаат форма на организиран криминал, како што е пустошењето на шума, недозволен лов и риболов, мачење на животни.

„Организираните криминални форми се сериозен предизвик, бидејќи се поврзани со други дела, како што се злоупотреба на службена должност, корупција, фалсификување документи. Тие се предизвик за истражните органи. Заради подобрување на состојбата потребно е во рамките на МВР формирање посебен еколошки оддел со специјализирани инспектори кои ќе ги работат овие дела. Треба да се истакне и благата казнена политика, односна казните кои се на долниот минимум. Во најголем број тоа се парични казни и условни осуди. Така не се делува превентивно, ниту кон сторителите, ниту кон останатите граѓани – можни сторители“, вели Марина Малиш-Саздовска проф. д-р по еколошка криминалистика.

Загадувањето од Топилницата велешани го платија со здравјето, иако тоа е документирано со податоци за надминување на загадувачите материи и во воздухот и во почвата, не беше доволно велешани да добијат правда. Законодавецот вели закони има, треба казнените одредби да се применуваат.

„Оваа Влада сериозно влезе во борбата со екоцидот. Со новите дополнувања и измени на Кривичниот законик, стана прва во регионот и една од малкуте земји-членки на ЕУ, која воведе екоцид. Со него сторителот може да биде казнет до десет години затвор“, рече заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ.

Преземено од: sdk.mk – П. Печков