Ванковска: Залулани во сонот за Европа неранимајковци ја распродаваат Македонија

  • Во колумна за Нова Македонија, насловена „Зошто е важен македонскиот национализам“ професорката Билјана Ванковска го споредува национализмот во европските држави и национализмот во Македонија во моменталната историска епоха и констатира дека во отсуство на вистински патриотизам, пред се политичката елита, евтино ги распродава македонските национални интереси. Во прилог ви го пренесуваме овој дел од нејзината колумна.

Под силата на туѓа пропаганда и со активно соучество на „кафените сахиби“ (прислужници на надворешните господари) почнавме да се откажуваме од себеси, од нас „небањатите“ и „недоволно Европејците“. Отстапките се сè поголеми: од нокотот на малото прсте, па лакотот, до рамото – и ни стигна до грлото.

Попуштавме заради мир во куќа, заради мир во светот, заради ветена благосостојба, за да не останеме сираци, за да бидеме некои други – и веќе заборавивме кои сме и зошто сме! Токму тука, во таа точка на тотална конфузија, почнаа да работат на „финално решение на македонското прашање“ (она историското кон кое аспирации имаа и имаат регионалните и европските сили).

Ние, залулани во сонот за некаква нова Европа и интеграција во која ќе нè прифатат како свои и блиски… Кога велам „ние“ и пишувам во прво лице множина, само ја поедноставувам, ама и појаснувам сликата на оваа наивна, добра или глупава нација, која дозволи неранимајковци, светски хохштаплери, милитаристи и ситни балканско-венецијански трговци да ја распродаваат како да била некаков Франкенштајн составен од делови на туѓи тела, кои сега воскреснале и си ги бараат матиците назад.

(…) Ѓаволот ги однесе и шегата и бајката за Европа. Време е да си се вратиме самите на себе – со самопочит (по сета самокритика за будалштините низ кои минавме како пубертетлии) и со подготвеност да се бориме за последните остатоци од македонштината. Ако интелигенцијата потфрли, стана првиот предавник на националната самобитност и наметна кафени наметки за да им служи на западните сахиби, сепак ехото на Мисирков е тука да нè врати на вистинската патека: Самостојното политичко развивање на Македонија е неопходност. Во современи услови тоа значи отфрлање на јаремот на протекторатот.