За повторувањето на историјата
Осврт кон филмовите Non-Aligned: Scenes from the Labudović Reels и Ciné-Guerrillas: Scenes from the Labudović Reels
- Автор: Тони Димитров – Координатор на Левица – Сектор Култура
Декада по премиерата на деби документарниот филм Cinema Komunisto (2010), режисерката Мила Турајлиќ се враќа со два нови возбудливи документарни филмови. Мила беше гостинка на Културниот дневник на РТС, каде режисерката го образложи концептот на филмовите, што сериозно ме испровоцира да ги погледнам. Набрзо по тоа приликата се реализираше, а филмовите беа прикажани на овогодинешното издание на фестивалот на креативен документарен филм Македокс.
Неврзани и Кино-герила: Сцени од фондот на Лабудовиќ е документарен диптих составен од два филма кои нѐ водат на архивско патување низ процесот на создавање на проектот Трет свет. Токму тој (гео)политички и историски подконтекст, толку актуелен за денешното доба, дополнително ме инспирираше дека морам да ги погледнам.
Филмовите се засновани на досега необјавените филмски материјали снимени на 35 мм ленти, од страна на Стеван Лабудовиќ, снимателот на југословенскиот претседател Тито кој ги документира неговите патувања во Африка и Азија за да го промовира третиот пат и овој глобален сојуз среде Студената војна (1950-тите и 60-тите години).
„Неврзани“ покрај тоа што го отсликува значењето на движењето на неврзаните во тој историски и геополитички контекст, воедно и го актуализира во денешениот, и дава одговор на прашањето зошто Југославија била толку значајна во времето на Студената војна, а воедно и зошто била уништена од страна на западот. Како генерација која барем малку (10 тина години) ја почувствува Југославија и нејзиното значење, овој приказ дава дополнителна слика и политичка артикулација на нејзината големина. Сепак, во тие детски години, иако интуитивно сме го чувствувале, не сме можеле свесно да го доживееме политичкиот контекст, што преку овој филм ги добива своите контури.
Она што започнува како истражување на снимки од вести од самитот на неврзаните во Белград во 1961 година, станува кохезивен документарец за исчезнатата земја и нејзините надежи за иднината, историја на раните денови на Движењето на неврзаните и документ за спојот меѓу двајца филмаџии – Турајлиќ, во своите четириесетти години и Лабудовиќ, на 90 години. За среќа, овие 35 мм ленти останале во депото на редакцијата на „Филмске новости“, каде Лабудовиќ работел. Дел необележани, кријат парче од неверојатната историја на веќе непостоечката земја. Овој филм претставува и осветлување на тој дел од историјата, која за секунда можела да исчезне. Тоа е доказ и за фрагилноста на историјата и колку е таа подложна на манипулации. Само мала немарност или пожар, сите овие снимки можеле да отидат во заборав, а со тоа и мемориските траги од едно друго време (што барем кај нас е редовна постапка).
Вака и ние, последната генерација на Титовите пионери, изворно можеме да видиме што всушност се случувало тогаш. Движењето на неврзаните ги кани новоослободените земји од Азија и Африка да се приклучат на нов политички проект кој не е усогласен со ниту еден од блоковите од Студената војна (истокот и западот), и има за цел да создаде поправеден светски поредок. Додека студената војна го поларизирала светот на исток и запад, Тито тргнал некаде посреде, поведувајќи ги со себе новите големи лидери од тукушто ослободените земји. Во меѓувреме, лидерите кои го дефинираа ова движење беа прогласени за диктатори, а нивните земји уништени, вклучително и Југославија.
Истата таа генерација на титовите пионери, но и оние кои се родени во независните држави произлезени од распадот на Југославија, живеат според синтагмата „оној кој не го познава минатото е осуден истото да го повторува“. Во еден хегелијански прогресивен развој на историјата, денеска повторно сме сведоци на истиот тој историски процес кој се повторува преку антиколонијалната војна во дел од африканските земји и преку наѕирањето на контурите на мултиуполарниот свет (формирањето на БРИКС).
Ако првиот филм „Неврзаните“ ја реконструира појавата на Движењето на неврзаните, доведувајќи го во прашање степенот до кој филмската слика имаше удел во создавањето на глобалниот проект на политичка еманципација, вториот „Сине-герила“ оди зад сцената на медиумската битка која се води за време на Алжирската војна за независност и ја открива улогата на филмската слика во политичката борба против колонијализмот. Бидејќи Алжир нема развиено таков вид на пропаганда, а Франција има, Тито го праќа Лабудовиќ директно на фронтот во Алжир, каде поминува три години снимајќи документарен филм за војната.
Иако значењето на Лабудовиќ во Југословенскиот контекст е прилично бледо, во Алжир тој има свое место во историскиот музеј и се изучува на часовите по историја! За среќа додека е сѐ уште жив (за жал починува за време на снимањето на „Сине-герила“), тој го посетува Алжир, каде е пречекан со сите почести.
По повод премиерата, Мила Турајлиќ ќе изјави: „Овој диптих е создаден како резултат на средбата и пријателството со Стеван Лабудовиќ, снимател на Филмски новости, кој беше задолжен да го придружува претседателот Тито на познатите мировни патувања со бродот Галеб. По тој повод беше создаден вреден материјал снимен во неврзаните земји. Првиот филм во диптихот го следи создавањето на Движењето на неврзаните до историскиот самит во Белград во 1961 година, а вториот ја открива улогата на Стеван Лабудовиќ во снимањето на Алжирската ослободителна војна. Ми причинува огромно задоволство да го претставам овој филм пред белградската публика во главната програма на ФАФ, особено на такво симболично значајно место како што е некогашниот дом на синдикатите, кој беше прес-центар на првиот Самит на неврзаните“.
Филмовите се снимени во Белград, Њујорк и Алжир, со архивски снимки од целиот свет, снимени во времето кога моќта на киното сѐ уште била единствениот начин да се изрази политичкиот сон (и да се искористи во пропагандни цели). Ова се суптилни и, комплексни документарци, во кој сепак преовладува ведар и оптимистички дух и кои вешто ги спојуваат личните и глобалните истории. Создадени можеби во вистинскиот момент, овие филмови треба да претставуваат не само (југо)носталгична реминисценција и историски потсетник, туку и патоказ кон иднината кој ќе го контекстуализираат и насочат политичкиот zeitgeist. Истуството (и спознанието од минатото) го имаме, само треба да го примениме, со тоа избегнувајќи ја осуденоста истото повторно и повторно да го повторуваме.