Сенатот на САД е „дом за стари лица со привилегии“

Поранешната гувернерка на Јужна Каролина и амбасадорка на САД во ООН Ники Хејли повика на „тестови за ментална компетентност“ за постарите политичари и ограничување на мандатот во Конгресот.

„Она што ќе го кажам е, дека во моментов, Сенатот е најпривилегираниот дом за стари лица во земјата“,  изјави Хејли во петокот на Фокс њуз. „Треба да почнеме да добиваме нови лица, нови гласови, помлади генерации вклучени во нашата влада. Постарите политичари мора да знаат кога да заминат“

Оваа изјава следи по континуираните здравствени испади на високи политичари.

Мич Меконел, републиканец од Кентаки, се вкочани за време на прес-конференција и мораше да биде одведен од помошниците. Тоа беше втора ваква епизода за нешто повеќе од еден месец за највисокиот републиканец во Сенатот. Тој се вкочани на сред реченица за време на прес-конференција на Капитол Хил кон крајот на јули, што поттикна шпекулации за делумен напад или мозочен удар. 

Исто така друг 81-годишен сенатор претрпе три падови само годинава, од кои најсериозниот резултираше со потрес на мозокот и скршено ребро, поради што се опоравува шест недели.

Најстариот сенатор на 90-годишна возраст, Фајнштајн (демократската сенаторка од Калифорнија), исто така, има влошено здравје. Откако се врати на функцијата по двомесечна пауза поради дијагноза на херпес зостер, таа се појави дезориентирана повеќе пати. 

Загриженост има и за 80-годишниот Бајден, најстариот американски лидер кој ја извршува функцијата. Откако ја презеде власта во 2021 година, возраста на Бајден неколку пати беше во центарот на вниманието на медиумите по повеќекратните падови и честите гафови.

Хејли, како кандидат за претседател од страна на Републиканска партија, потенцираше:  „Ни требаат тестови за ментална компетентност за секој на возраст над 75 години, не би ми пречело ако ги прават и на возраст над 50 години“.

„Тоа се луѓе кои одлучуваат за нашата национална безбедност. Тие носат одлуки за нашата економија, за границата. Треба да знаеме дека тие се во топ форма“.