На денешен ден бугарските фашисти го убиле Коле Неделковски
Hикола Крстев Неделков е роден во селото Војница, близу Велес, 1912 година во сиромашно земјоделско семејство.
Основно училиште завршил во селото, а гимназија учел во Велес, но морал да го прекине образованието поради недостаток на пари.
Заминал во Скопје каде работел како молер, но го посетувал и трговското училиште.
Поради револуционерната активност бил прогонуван од великосрпскиот режим и во 1933 година пребегал во Бугарија. Во Софија, 1938 година на страниците на „Илустрација Илинден“ објавена е неговата прва песна „Стојан војвода“ („Стојан на Ордановци“).
Една година подоцна, станува член на Македонскиот книжевен кружок заедно со Никола Вапцаров, Антон Попов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други македонски револуционерно-книжевни дејци.
Воспоставува контакти со синот на Крсте Петков Мисирков кому ја изразува својата почит кон големиот македонист и пронаоѓа примерок од уништената книга „За македонцките работи“ во софиската библиотека.
Кон крајот на 1939 година ја издава својата прва стихозбирка „М’скавици”, на македонски јазик, во духот на македонската народна песна.
Во 1940 година станува член на диверзантската група „Млади антифашистички борци”.
Во август 1941 година излегува од печат неговата втора книга „Пеш по светот“, со истоимената поема и седум одделни песни.
Само десет дена подоцна, на 2 септември 1941 година, Коле Неделковски го завршува својот живот, при обид на бугарската полиција да го уапси во станот во кој живеел. Останува неразјаснето дали бил фрлен од полицајците или самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба.
Песната на Коле Неделковски „Глас од Македонија“ е една од најпознатите патриотско-револуционерни песни во македонската литература.
Слава му!