АктуелноЛокално

Урошевиќ: Бесмислени се злонамерните обиди за негирање на македонскиот јазик

Веста дека сум добитник на „Златниот венец“ на годинашниве „Струшки вечери на поезијата“ ми носи многу радост. Ја имав таа среќа да бидам, пред повеќе од шеесет години, еден од основачите на  овој наш поетски фестивал и еден од оние што учествуваа во дефинирањето на оваа награда. Во текот на годините, со внимание и задоволство следев како  на листата на добитниците на „Златниот венец“ се допишуваат нови имиња – стануваше збор секогаш за вистински великани на поетскиот збор, личности чиешто значење ги надминува границите на  националните литератури  на кои тие им припаѓаат и  навлегува во областа на светските вредности, истакна годинешниот добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, Влада Урошевиќ, на прес-конференција што се одржа во хотелот „Дрим’ во Струга.

Урошевиќ ја потенцираше важноста на поезијата и нејзиното значење со чија помош македонскиот јазик се издига на високо ниво и е рамо до рамо со другите светски јазици.

– Кога ја гледам денес таа листа,  можам да речам дека станува збор за еден вид  синтетизирана историја и антологија на светската поезија од втората половина на 20-ти и првите децении на 21-ви век. Поезијата на овие поети е објавена тука, кај нас, во репрезентативни изданија, во превод на македонски јазик – и тој корпус на дела, со својата големина, со сериозноста на пристапот и со квалитетот на преводите ја докажува, уште еднаш,  рамноправноста на македонскиот јазик со другите светски јазици и ги прави бесмислени злонамерните обиди за  неговото негирање – потенцираше Урошевиќ.

На прес-конференцијата директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски, истакна дека „Златниот венец“ е награда што мора внимателно да се доделува и дека Влада урошевиќ е трет Македонец што ја има добиено.

Пред него ова признание го имаат добиено Блаже Конески и Матеја Матевски.

На „Струшките вечери на поезијата“ присуствуваат околу 25 поети од странство и 40-тина од државата.

Фестивалот, кој ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.