Катастрофата од Нивици мора итно да се поништи

За да имаме појасна слика за ова што ни се случува, корисно е да се види како се спроведува договорот од Нивици.

1. Грчката страна, целосно го игнорира договорот од Нивици во однос на неколкуте и навистина безначајни свои обврски. Клучно е што не ратификуваше три меморандуми за соработка, иако имаше обврска. Македонија се прави отсутна.

2. Според Член 1 став 8, Грција има обврска нашето навредливо ново име да го користи и дома. Тоа не го прави. Им пречи зборот „Македонија“. Не ги променија ниту ксенофобичните патни сообраќајни знаци, коишто ја означуваат нашата земја! Деновиве, пак, објавија дека промениле еден сообраќаен знак! За наша утеха, де, заради личните документи кај нас. Секоја им чест како нѐ третираат!

3. Грција не го спроведува Член 6 став 1 и став 2, дека нема да има насилство, омраза или непријателство кон другата страна. На сите манифестации и собири на Македонците во Грција има организирани напади. Полицијата не реагира.

4. Според Член 1 став 3 (ж), на 22/6/2019 е формирана Меѓународна група на експерти која за три години, до 2022, мораше да ја заврши својата работа со одредувањето на трговски имиња, марки и заштитни знаци. Нема никакви информации дали е нешто сторено? Во меѓувреме, Грција прави што сака и целосно го присвои брендот „Македонија“.

5. Според Член 8 став 5, формиран е Заеднички интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања. Цел – објективно и научно разгледување и толкување на историските настани. Комитетот треба да утврдува дали е нешто соодветно (?) во учебниците и помошните наставни материјали и каде ќе треба – ќе изврши ревизија! Сето ова, се разбира се однесува на нашата земја.

Со договорот е предвидено Комитетот да се состанува најмалку два пати годишно и да поднесува годишен извештај, со препораки до Советот за соработка на високо ниво. Ништо не знаеме за Комитетот, освен дека „нашите“ членовите земаат убави пари. Нема информации за средби, и тоа два пати годишно. Грчката страна сигурно ги поставила своите ултиматуми, а ние не знаеме како реагирале „нашите“!?

6. Според Член 9, став 1, предвидено е интензивирање и збогатување на соработката во – „ … сите сектори, како што се земјоделство, цивилна заштита, одбрана, економија, енергија, животна средина, индустрија, инфраструктура, инвестиции, политички односи, туризам, трговија, преку гранична соработка и транспорт… Сите овие сектори треба да се вградат во сеопфатен акциски план во текот на развивањето на билатералните односи“. Ништо од ова не е направено.

7. Според Член 12 став 2, треба да се формира Совет за соработка на високо ниво, со претставници на владите, предводен од премиерите. Советот треба да се состанува најмалку еднаш годишно. Советот треба да направи и Акциски план за соработка во сите области. Нема ништо од сето тоа. Прашање е дали е Советот бафрем формално формиран? Дека средби немало, јасно е.

8. Член 14 став 6, предвидува отворање нови гранични премини. Наш интерес беше „Маркова нога“, во Преспа. Нема ништо од тоа. Според Член 14 став 9, треба да се формира Заеднички министерски комитет, којшто – „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе управува со текот на билатералната економска соработка…“. Нема ништо од тоа. Според членовите 16 и 17 – се предвидува полициска и одбранбена соработка. Нема ништо од тоа. Според член 18 – предвидено е потпишување на нови договори. Нема никакви.

9. Интересно е што, според Член 19 став 2, во случај на спор прво ќе се бара медијација од генералниот секретар на ООН. Ако тоа не успее, се оди на судот во Хаг. Доколку Македонија постапеше како суверена држава и со дипломатска нота ја известеше Грција дека не е во можност да ја исполни обврската за замена на личните документи во договорениот рок, ќе се избегнеше целиот хаос во којшто е доведена државата и немилосрдно се малтретираат граѓаните. Доколку, пак, се противеше Грција, за што немаше никаква основа, можеше да се упати да се жали на ООН и на Хаг. Тие процедури ќе траеја со години и ние ќе го решевме случајот во меѓувреме. Арно ама, за тоа се потребни умни и способни политичари, а не копуци.

10. Според Член 20 став 9 – „Одредбите од спогодба остануваат на сила за неопределен рок и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од Член 1 став 3 и став 4“. „Официјалните документи“, пак, со коишто сме ние заглавени со личните, се под Член 1 ама ставови 9 и 10. По логиката на нештата – во нив се дозволени измени! Целосно е бесмислена клаузулата за – „неопределен рок и неотповикливост“. Такво договори во светот – нема. Ништо не е трајно и непроменливо. Освен, можеби – Библија! Де Гол рекол дека меѓународните договори се како розите и младите моми – траат додека траат.

11. Ниту раштимано пеачко друштво не ги остава своите членови без членски карти. Замислете сега што се случува ако некоја квази држава направи таква глупост? Впрочем, не морате да замислувате – токму таква ујдурма доживуваме сите, иако е за неверување! И чавки да им ги испиле мозоците на сите наши политичари од врвот, такво нешто не смееше да се случи.

12. Сето наведено апсолутно потврдува дека договорот во Нивици имаше единствена цел да ја прекрсти Македонија и да ги разнебити Македонците. Ништо друго. Горниот преглед покажува дека ги имаме сите аргументи за да го откажеме договорот. Ништо од него не се спроведува. Освен нашето прекрстување, се’ друго да ти било само празна форма и чиста лага.

13. Нивици не е само предавство на македонските фундаментални национални интереси. Мизеријата со личните документи на граѓаните покажа дека договорот длабоко го засега секој наш граѓанин, не само генерално, со прекрстувањето на државата, туку и лично. Каква само невидена глупост беше направена со прифаќањето на рок од пет години за промена на личните документи, го покажува следното.

Основните лични документи, а тоа се личните карти, возачките дозволи и пасошите, кај нас се издаваат со важност од 10 години. Тоа значи дека и државните капаците за издавање на овие документи се базирани врз таа обврска. Со други зборови, годишно се заменувале по околу 10 проценти од сите лични документи. И што направиле нашите аматери во Нивици? Прифатиле рок од пет години, за нивна замена. Тоа значи дека секоја година требало да се заменат два пати повеќе документи од нормалното, за што државата нема реални капацитети. И, не само тоа.

Тие што се сложиле со рок од пет години за замена, морале да помислат, ако имале со што, дека веднаш по стапувањето на договорот на сила, и започнувањето да тече рокот од пет години, не може веднаш да се издаваат нови пасоши. Тие треба да се нарачаат и тоа трае, макар една година, заедно со сите подготовки. Нашите генијалци, меѓутоа, тоа го завршија за две години и четири месеци и, место од 12 февруари 2019 година да издаваат нови пасоши, како изгледа, тоа го започнале во јули 2021! Така, рокот за замена на патните исправи од пет години, се сведе на две и пол! Или, за толку требало да се направи тоа што нормално се прави за 10 години. Во просек, годишно, требало да се издаваат по четири пати повеќе пасоши отколку што била праксата порано. Само по себе, тоа е невозможна мисија.

За полесно да се разбере грозоморијата во којашто нѐ доведе власта, еве и обичен есап. Ако во државата има два милиони пасоши, а велат дека има речиси два и пол, тоа значи дека место 200 илјади пасоши коишто порано се издавале годишно (за 10 години), сега требало да се издаваат по 800 илјади годишно (за две и пол години)! За околу 250 работни дена во годината, требало да се издаваат по 3.200 пасоши дневно, место 800 во нормални услови! И, се’ е јасно каква будалштина некој ни приредил, засега без лични последици.

Веќе пишувавме дека проблемот можеше да се реши со една нота, чии нацрт – текст исто така го објавивме, ама очигледно немаше политичка волја за такво нешто, што личи на чиста саботажа. Нема ли никој што ќе се осмели да ги вознемири нашите драги јужни соседи? А, народецот наш – нека пати! Впрочем, без никакво  сомнение, во таа саботажа има и поинакви интереси, дијаметрално спротивни на македонските.

Народот убаво рекол – будалите немаат рогови…

Преземено од Плусинфо.мк