Левица: Стојскоски и ДПМНЕ се откажаа од ФК Македонија Ѓорче Петров, клубот целосно го приватизираа

  • Реакција на Левица – ЛО Ѓорче Петров

На последната седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, на предлог на Градоначалникот Стојкоски, а со поддршка на советниците од ДПМНЕ и коалицијата – Општината, како довчерашен акционер во ФК Македонија Ѓорче Петров, ги оттуѓи сите свои акции во клубот.

Скандалозно е што оваа Одлука не беше поткрепена со никакво образложение и што истата дојде како гром од ведро небо.

Дополнително, на советничката група од Левица не ѝ беше конкретно одговорено на ниту едно поставено прашање околу ситуацијата во клубот и причините за ваквата Одлука – мудро се молчеше или се одговараше со “не знам“.

Со оттуѓувањето на акциите, поддршката кон овој клуб значително ќе се намали и Општината ќе нема никаква контрола или одговорност кон истиот. ФК Македонија Ѓорче Петров ќе остане на милост и немилост на приватните сопственици!

Како советничка група, Левица не ја поддржи оваа Одлука поради нашето убедување дека Општината е должна да се грижи за спортот на локално ниво, а не да дозволи да се повтори историјата на многу фудбалски клубови во Македонија кои после приватизација престануваат да постојат!

Дополнително, постои оправдано силен сомнеж дека позади оваа Одлука се кријат матни бизнис зделки, а можеби бугарскиот капитал тропнал на вратите и на овој македонски фудбалски бренд кој сѐ уште гордо го носи името Македонија.