Доста беше молк! Главата горе!
- Пишува: Александар Домазетовски
После 30 години гледање како дел по дел се кине македонското ткиво решив дека е доста седење отстрана и непреземање на ништо за да се сменат овие очајни општествени состојби. Кога во 90 ‘ те години гледаш како тинејџер како се распаѓа една федерална држава во крвава братоубиствена војна постојано се прашуваш зошто? Зошто? Што е тоа што ги натера луѓето, кои до вчера се гледаа како браќа, да се замразат до степен на истребување. Одговорот е едноставен – политика.
Политиката како алатка за манипулација со народните маси заради лични интереси на Балканот секогаш придружувана со странски интереси кои не се во интерес на малите земји. Од кога памтам, а тоа е од 90-те кога како тинејџер прв пат ги слушав говорите на народните пратеници кои жестоко дебатираа за разни прашања, а јас како заслепен слушав и со очи и уши што ќе кажат народните пратеници, мислев дека народните избраници треба да се оние најмудрите, најдобрите во една земја. Но, не било баш така. Се менуваа состави на влади, на парламенти, се менуваа и претседатели. И освен првиот состав на владата, на парламентот и претседателот кои беа изградени како личности со високи морални, етички, образовни квалитети сите понатаму беа барем за еден степен пониско на скалата на вредности од предходните.
Не постои народ на планетата Земја кој направил толку многу отстапки на своја штета, притоа недобивајќи ништо туку само барања за поголеми отстапки.
Уставот на Асномска Македонија досега е менуван 8 пати.Зошто!?
Кој Ви го даде правото да плукате и газите врз илјадниците загинатите борци и жртви за слобода на Македонија!?
Од денешен аспект сите предходни политичари, со ретки исклучоци, додавале по едно камче во мозаикот на пропаста. 30 години не’ лажат.
Алчноста, себичноста, отсуството на емпатија кон луѓето, немањето морал и етички вредности, изгубената љубов кон татковината и визија за државата доведе до целосна ерозија на сите општествено политички и економски состојби во Македонија.
На секоја политичка анкета за мислењето на народот каква политичка опција ќе поддржите половината секогаш беше неутрална или неопределена.
Сигурен сум дека и оние кои беа определени често завршуваа разочарани. Вистинската интелегенцијата се тргаше на страна, а на челни позиции доаѓаа луѓе кои не си ја сакаа државата.
Се редеа претседатели, премиери, градоначалници, пратеници, министри, директори на јавни претпријатија БЕЗ никакво работно искуство, а често пати ни без животно искуство. Доаѓаа и си одеа од функции оставајќи пустош позади себе. Илјадници луѓе се иселија, милијарди се украдоа, а интелегенцијата молчеше.
Тука се ставам и себеси кој освен коментари со роднини, пријатели, колеги, соседи од типот: „како не им е срам!”, „што прават луѓе, дали се нормални?!”, “сериозно ли ова?!” “има ли еден праведен и чесен?!” ништо не превземавме за промена на состојбите туку и понатаму седевме настрана и коментиравме од страна.
Затоа другари стигнавме до дното кое секој ден го пробиваме со тенденција да стигнеме од другата страна на земјината топка.
Џабе зборувате на седенки, по кафани, по дома, пред зграда, на слави, на свадби и погреби, во школскиот двор, на гранични премини, кога несакате да излезете јавно, јасно и гласно да го кажете својот став за секое прашање што ве засега.
Џабе глумите незаинтересираност за политика бидејќи мислите дека тоа не е за Вас туку за некој друг!
Не другари, денес политика е и прегорената сијалица на уличната светилка која никој со месеци не ја менува или истата свети дење, а ноќе не работи.
Политика е и зградата што ќе ви ја залепат до спалната соба.
Политика е и ѓубрето што го газите по тротоарите.
Политика е и што децата треба да се запишат во градинка уште пред да се родат, бидејќи нема место.
Политика е и немање на учебници за вашето дете на средина од учебната година.
Политика е и распаднатата амбуланта каде што се лекувате.
Политика е и коцкањето и дрогата која ги има на секое ќоше.
Политика е и неказнивоста на криминалци кои ја газат и плукаат земјава каде ќе стигнат.
Политика е и загадениот воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно.
Политика е каде и дали ќе се вработи вашето дете.
Политика е дали ќе завршите една обична работа на шалтер без да ве вратат пет пати.
Политика е во какви автобуси ќе се возите.
Политика е дали и како ќе живеете од први до први.
Да другари ќе речете истото ова сите го кажале па не го исполниле.
Да другари, но како ги наградивте за неисполнетото..!?
Им дадовте уште една шанса, па уште една, па уште неколу и ништо. Исто е и со оние кои никогаш не гласале, тоа значи одобрувале моментална политика.
Џабе сите дипломи, признанија, сертификати, вештини со кои сте се стекнале, џабе сите достигнувања кои сте ги постигнале и постојано се фалите… џабе…
Џабе сите стекнати материјални добра кои сте ги стекнале, џабе…
Џабе сите сторија и селфи дека имате прекрасен живот, а душата ви е тажна, џабе
Сите еден ден ќе заминеме од овој свет, но прашањето е како ќе заминеме.?!
Дали како последната и најслаба генерација на Македонци кои од готова држава со сите нишани направија вересија или како Македонци кои се обединија и застанаа еден до друг без разлика на идеолошките разлики исто како во 1903, 1941, 1991? За жал немаме вакви датуми во новиот милениум, но едно сефте се надевам дека во блиска иднина ќе се случи.
Доста беше молчење, понижување на македонскиот народ и сите останати кои сакаат мирен и достоинствен живот. Доста беше газење.
Дајте луѓе да се обединиме сите заедно за да не „висиме” одделно.
Многу блиски се иселија и ми недостигаат, но јас решив да останам овде и да се борам на секој можен начин.
Не треба странците кои доаѓаат отстрана да ни кажуваат дека имаме златна земја богата со реки, езера, шуми, планини, плодни полиња, сонце кое силно свети и не грее, дека имаме паметни луѓе од сите области кои секогаш повеќе се ценети надвор отколку дома. Ние тоа го знаеме и молчиме.
Во име на сите предходни генерации кои загинаа за оваа земја и нашата слобода треба заедно да се бориме за посветла иднина.
Во светот се случуваат тектонски поместувања, нема повеќе доминација само на една сила или идеологија.
Да, секогаш има алтернатива.
Главата горе !
Доста беше молк!