„Бојата на музиката“, монографска, ретроспективна изложба на Ангел Петров
На иницијатива на Фондацијата Ангел Петров, велешани и македонската културна јавност, одбележуваат 90 години од раѓањето и 60 години творештво, на академскиот сликар Ангел Петров од Велес, кој почина пред три години, за што е подготвен и богат Каталог.
Во вторник,со почеток од19 часот во Ликовниот салон во Велес, свечено, ќе биде претставена монографската, ретроспективна изложба на Ангел Петров, насловена: „Бојата низ музика”, со повеќе од 300 дела од богатиот творечки опус на еден од позначајните современи ликовни творци кај нас. Тоа се 60 дела галериски формат, потоа 100 дела – пејсаж во минијатурата, 60 дела – портрет во минијатурат, а 30 дела – керамика и 50 дела – декорации во минијатура.
Настанот содржи и промоција на Мографија, видео – презентација, односно, документарен филм за неговото 60 годишно творештво, а ќе бидат изложени и дел лични предмети на уметникот, чие богато творештво остави исклучителен белег во современата македонска ликовна уметност.
Ангел Петров (1933-2020) , роден во Велес, ја имал привелегијата да се школува и да учи, во Средното уметничко училиште во Скопje, во класата на професорите Личеновски, Мартиновски, Коџоман и Борко Лазески…
Веќе во втората година, прогласен е и награден како најталентиран од генерацијата. Образованието го продолжува во Белград, во Академијата за применета уметност која ја завршува во 1962 година, во класата на професорот Винко Грдан.
Веќе во наредната 1963, започнува самостојно да изложува за до денес да реализира 62 самостојни ликовни изложби од кои 30 во Македонија и 32 во странство, како и да учествува на повеќе од 200 групни претставувања.
Член е на ДЛУМ од 1967. Негови дела се наоѓаат во многу музеи, галерии, приватни колекционери во земјава и странство. Неговиот ликовен опус се состои од пет ликовни фази: пејзажи, актови, коњи, портрети, акварели, мртва природ, декорации и стара архитектура. Работел масло, пастел, акварел, туш, акрилик и комбинирани техники.
За неговиот 60 годишен творечки опус има добиено многу награди и признанија: Прва награда за најдобра „мртва природа “ – 1950, Скопје во Средно уметничко училиште од професорот Лазар Личеновски. Награда за животно дело- ”Гемиџии “2004 од Општинa Велес.
Повеќе награди за донаторство од Македонското друштво „Koчо Рацин”, Риека, Хрватска, додека 1980 e одликуван со Орден на трудот со сребрен венец.