Дали пратеникот Скендер Реџепи -Зејд бара отцепување на македонските општини?
Албанците не го оспоруваат идентитетот и јазикот на македонскиот народ, но може во блиска иднина да се случат и други барања, каде што албански општини можат да го бараат патот кон ЕУ, рече независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд.
Албанците во Македонија не треба да бидат заложници на неколку лица на патот кон ЕУ, порача независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд, предупредувајќи дека во блиска иднина би можело да се случи некои албански општини да почнат да го бараат патот кон ЕУ.
– Албанците не го оспоруваат идентитетот и јазикот на македонскиот народ, но може во блиска иднина да се случат и други барања, каде што албански општини можат да го бараат патот кон ЕУ. Треба да имаме одговорност во Собранието. Историските проблеми помеѓу Македонците и Бугарите ќе останат и понатаму и не можеме да ги решаваме со пратеници туку со историчари. Најдобро решение е преку измена на Уставот и нашата иднина да биде во ЕУ. За Бугарите, Гоце Делчев е Бугарин, а за Македонците останува Македонец. Треба да се отворат хоризонтите на државата во Унијата. Оптимист сум по природа, но во случајов сум песимист дека може да има уставни измени – вели Реџепи.
Пратеникот истакна дека ова е една шанса сите да патуваме заедно кон ЕУ и во ова патување имаме пречки поради некои индивидуални причини.
– После 30 години патување и целиот труд на политичките актери, ја враќаме Македонија во 90-тите кога земјата беше хранета со националнизам против Албанците. Не случајно последните денови се актуелизира доаѓањето на косовскиот премиер и тоа дека се создава Голема Албанија, при што се спречува именување на улиците – истакна пратеникот.