Дали Македонија е подготвена за реституција на културното наследство?

  • Пишува: Тони Димитров – Координатор на Левица – Сектор Култура

Грижата за културното наследство е грижа за сопствениот историски континуитет и национален идентитет. Но, последните години, сведоци сме дека оваа „власт“ не само што не води грижа за македонската историја, идентитет и културно наследство, туку преку негрижа за истото, тенденциозно учествува во уништување на сопствените историски, културни и идентитетски кодови. За секојдневното осиромашување на нашето културно наследство сведочат честите кражби на артефакти од македонските археолошки наоѓалишт, цркви, манастири, кои завршуваат нерешени, но и негрижата за нивно враќање и игнорирањето на музеите, кои со рудиментирани поставки се во процес на распаѓање.   

Во сиот овој рецентен (гео)политилки идентитетски галиматијас со кој се соочуваме, ќе покренам едно прашање кое е од круцијално значење за зацврснување на сопствените позиции наспроти постојаните шовинистички соседски напади кои ги доживуваме. 

Деновиве од страна на Минстерството за култура беше пласирана веста дека изложбата со ексклузивните наоди од некрополата Требенеште т.е. златните маски (која во 2019 година беше поставена во Скопје под наслов „100 години Требениште“), заедно со другите две маски ќе биде поставена во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија, реализирана како „105 години од Требениште“. Веојатно јавноста е запознаена, но не е на одмет да повториме, дека се работи за артефакти (златни маски) пронајдени во некрополата Требеништа (близу Охрид), откриена за време на Првата светска војна од страна на бугарските војници, по што следувале и првите археолошки ископувања преземени од археолозите Богдан Филов и Карл Шкорпил. Пред крај на Првата светска војна, Бугарија од територијата Македонија ги изнела овие вредни предмети (во вредност од тогашни неколку милиони динари). И наместо ова непроценливо богатство да ги краси нашите музеи, од 825 пронајдени предмети, 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград, а останатите 380 се во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид. 

Со овој потег на владата, за заединчка изложба, каде би се изложиле маските, повторно се отвора прашањето – дали Македонија го бара назад своето ограбено културно наследство, кое според проценките на полицијата брои над 1000 вредни артефакти и икони. Други податоци велат дека бројката е далеку поголема и се движи околу 3000 предмети. Според Управата за заштита на културното наследство пак, од Македонија низ светот се однесени преку 20 000 вредни икони (бројка врз основ на она што поседуваат музеите низ светот и познати приватни колекции).

Одоговорот на ова прашање секако е НЕ! 

Разнебитувањето на културното и историско наследство на Македонија трае со децении, а за да се промени таа ситуација, не е направено ама баш ништо. Се претпоставува дека има над сто илјади предмети кои биле пронајдени на македонско тло, а на разни начини биле однесени од земјата и сега ги красат музеите ширум светот (од Бугарија и Грција, па до Британскиот музеј, Музеите во Франција, Холандија, Америка и други музеи во Европа и светот). 

Пред извесно време, Секторот култура на Левица реагираше за македонските икони кои пред дванаесет години беа украдени од Македонија и пренесени во Албанија (меѓу кои икони и дела на Дичо Зограф од непроценива вредност кои денес скапуваат по депоата на албанската полиција). Додека албанските власти беа ажурни во наоѓањето и приведувањето на крадците, кои беа осудени и истовремено за тоа беа информирани македонските институции, била обезбедена целокупната документација и доставена до Министерството за култура (во чија надлежност е реституцијата на археолошки предмети, икони и др.), Министерството сè уште спие и не покренува било какво барање за нивно враќање. Во меѓувреме судските инстанци во Албанија оценија дека иконите треба да преминат во корист на албанската држава.  

Министерството за култура, наместо овој јубилеј – сто годишнината од откривањето на некрополата во Требениште, односно сто години од „охридската кражба“, конечно да го покрене прашањето за нивно враќање, и да започне процес за реституција на овие предмети, тоа ја промовира оваа изложба како меѓународна соработка „и можеби единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји“, продолжувајќи ја соработката во културата со Бугарија (по примерот на споделената историја и историската комисија), која преку отворен шовинизам, директно го оспорува постоењето на македонскиот јазик, историја и нација. 

Во оваа насока, само пред неколку дена, италијанските власти објавија дека ги добиваат назад украдените антички артефакти од страна на САД. На Турција, која со својот решителен став за враќање на украдените споменици и артефакти и беше вратена украдената античка стела од Италија, како и голем број на артефакти од повеќе земји ширум Европа. Грција ги поврати рељефните фризови и статуи земени во XIX век од страна на Британците и Германците. Постојат голем број на вакви примери на реституција на движни и делови од недвижни културни добра низ светот.

Деновиве сме сведоци дека и земјите од третиот свет се будат од вековната колонијална окупација и континуираното цицање на ресурсите, но и ограбување на непроценливите културни богатства од нивната богата историја и традиција, кои денес ги красат музеите по „цивилизираната“ Европа.  

До 90 проценти од материјалното културно наследство на субсахарска Африка се наоѓаат надвор од континентот. Многу од овие дела се во западните музеи, ограбени од нивните поранешни колонии, особено преку вооружени грабежи, воени експедиции, мисионерски збирки или земени без документација за согласност или соодветна компензација. Доволно е само да отидете во било која европска метропола и со едноставна посета на било кој етнолошки музеј да го заклучите тоа. 

Познат беше случајот кога приватен музеј во африканската земја Бенин презентираше артефакти од античкото кралство Дахомеј (земени од колонијалниот воен водач Алфред Амеде Додс во 1890 година), но иако парчињата се дел од историјата на земјата, тие не му припаѓаа на Бенин, туку артефактите беа позајмени од Франција која владееше со земјата повеќе од 60 години. Бенин побара од Франција 26 од вкупно 5000 артефакти, што можеше да биде голема промена за другите африкански земји кои бараат да им се врати уметноста, но расистичките ставови кои се уште го поткрепуваат колонијализмот во Европа, не се променети, и процесот заглави во правни лавиринти. Нивните барања беа континуирано одбивани од Франција, наведувајќи дека тие сега се дел од францускиот културен имот и наследство.

Извештајот на сенегалскиот економист Фелвин Сар и францускиот историчар Бенедикт Савој од 2018 година повикува на враќање на украдените артефакти на Африка, нагласувајќи дека повеќето од нив биле ограбени од европските колонијални сили, украдени за време на етнографски мисии или стекнати под сомнителни услови на различни пазари. Неколку години подоцна францускиот претседател Емануел Макрон „вети“ дека привремено или трајно ќе ги врати артефактите на континентот во рок од пет години. Генералното собрание на Обединетите нации донесе и резолуција за поддршка на враќање на предметите во нивните матични земји. Британскиот музеј, исто така, вети дека ќе ги врати непроценливите артефакти во Нигерија, а напливот на овој тип на активности ја следи и Германија која работи на сопствен план за враќање на бронзите во Бенин, кој министерот за надворешни работи, Хајко Маас, го опиша како „пресвртна точка во справувањето со нашата колонијална историја“. 

Во 2021 година, дел од британските и француските музеи, ги вратија артефактите ограбени од Западна Африка, при што активистите и официјалните лица ја поздравија потенцијалната пресвртница во повеќегодишната битка да се обезбеди реституција на она што било ограбено. Сепак, артефактите сè уште не се целосно вратени во нивните земји. Францускиот министер за култура, побарал од професионалците за културно наследство на неодамнешниот симпозиум во Париз „да не се фокусираат на единственото прашање на реституција“, туку наместо тоа да ја нагласат културната соработка со Африка.

Како своевидна колонија, каде секојдневно шетаат политички булдожери и амбасадори кои ја диктираат локалната политика, и каде секојдневно се наметнува систематско идентитетско обезличување, се наметнува прашањето дали и Македонија може да врати нешто од своето ограбено културно богатство?

Според сите меѓународни конвенции имаме легитимно право да го бараме назад. Постојат цели студии, монографии, научни истражувања за Требеништа, како и историски показатели дека тоа ни припаѓа нам и дека потекнува од Македонија, па според тоа Македонија има право на реституција. Истото се однесува и на останатите ограбени артефакти и икони. Заштитата на културно-историското наследство е пред сѐ одговорност на Министерството за култура, односно Управата за заштита на културното наследство, а тие се одговорни и за водење на евиденција на културно-историските добра кои се наоѓаат во странство. Иако, за дел од ограбените артефакти, од страна на Министерството за внатрешни работи e обезбедена целокупната документација и доставена до Министерството за култура, во чија надлежност е реституцијата на археолошки предмети, икони и сл., никој не ја покренува постапката за нивно враќање. 

Изговорот на одговорните власти и институции (Министерство за култура, Управа за заштита на културно наследство), за конкретниов слулај, е дека Македонија не била правен субјект пред стотина години, кога бугарски, а подоцна српски екипи вршеле археолошки истражувања на Требеништа и дека во минатото немало услови за нивно чување.

Факт е дека реституцијата на недвижните културни добра е комплексен процес, во него клучна е и добрата волја на соседните држави, но некогаш мора да се почне процедурата, за да го заштитиме тоа што е наше, за зачувување на културниот идентитет на македонскиот народ. Златните маски од Требениште, заедно со голем број на ракописи, икони, археолошки предмети и други скапоцени предмети со историска и културна вредност се само едни од многуте украдени артефакти расфрлани низ музеите во регионот и во светот и Министерството за култура треба промптно да се фокусира на обезбедување на враќање на оригиналните предмети пронајдени во Македонија, за што Левица од позиција на власт отворено ќе се заложи.

Тоа доаѓа дотолку повеќе до израз, во овој сензитивен историски контекст на актуелните негирања на македонската нација, шовинистичката политика кон Македонија и насилно приграбување на нашата историја од страна Бугарија. Според ова, апсурден е потегот на Министерството за култура за било каква соработка со Бугарија на ниво на култура, археологија и историја. Секоја власт која има барем малку сенс за историскиот континуитет и вредноста на сопственото историско и културно наследство, не смее да си дозволи вакво понижување и самодеструктивни пропусти. 

Сѐ додека нашето украдено културно наследство, артефакти и историско богатство е изложено во музеите на соседните зејми и не биде вратено во Македонија, најимпозантните наоди од македонската историја ќе бидат изложени по музеите во регионот, каде под музејската поставка стои легенда во која се објаснува „бугарската историја на Македонија“.