Левица одбива да учествува во лицемерните прослави организирани од страна на Владата на Заев

По повод чествувањето на денешниот празник, 11-ти Октомври, Левица објави соопштение до јавноста во кое се осврнаа на историското значење на празникот, нагласувајки ја штетата која е направена и ја прави моменталната власт на македонскиот народ.

„После извојуваната Слобода, националната самоопределба, постигнатата социјална сигурност и просперитет во периодот на социјализмот, како и устоличувањето на државната традиција во негување и унапредување на националната култура, заедно со кодифицираниот македонски јазик, денеска, Македонија и нејзиниот народ ги имаат изгубено сите придобивки од борбата на своите блиски предци – народните херои на НОБ. Темелите на македонската држава се разнишани, а со тоа е загрозена иднината на Републиката, како и опстанокот на македонскиот народ. Покрај ова, денеска во Македонија, намерно вандалски се уништуваат сите остатоци и симболи од македонската борба и победата против фашистичките окупатори на неговата земја. Преку подла и насилно спроведена ревизија на историјата од страна на актуелната власт, со потиснување во заборав на државотворната АСНОМ-ска традиција и неговите вредности, повторно се прави обид за историски ревизионизам и рехабилитирање на фашизмот на овие простори.“

Од партијата исто така нагласија дека се стремат да ги достигнат историските стремежи на македонскиот народ и одбија да учествува во прослави организирани од страна на Владата на Заев.

„Но, нашата генерација нема да дозволи да исчезнат стремежите на македонскиот народ за слободна, унитарна и самостојна држава – со брусање на симболите и сквернавење на спомениците од НОБ, со преиначување на историјата во учебниците или со потпишување на срамни и капитулантски меѓународни договори, кои никогаш нема да бидат прифатени од народот. Преку ваквите постапки на сегашната квислиншката власт и на домашните предавници во Македонија, само се надградуваат токму онакви услови какви што во 1941 година, на 11 октомври, македонскиот народ го принудиле да се дигне против окупаторите на неговата земја. Токму затоа, Левица одбива да учествува во сувопарните и крајно лицемерни прослави организирани од страна на Владата на Заев, која систематски ги негира и уништува идеалите и стремежите на македонската државност, поставени токму во народно-ослободителната борба против фашизмот.“

Нивните активисти од Локалниот огранок во Прилеп, како што велат „повторно застанаа во одбрана на честа на нашите предци кои го дале својот живот во Народно Ослободителната Борба за Македонија“ и преку герила акција го попречуваа чествувањето на празникот од претставниците на власта, кои се обидуваат да ја ревидираат историјата и ги уништуваат учебниците.