АктуелноЛокалноСтав

Балансерот не се злоупотребува – тој е злото!

Европа се јави, а ние се возбудивме од среќа уште пред да чуеме што таа ни говори!

Кога се работи за искажан став на некоја институција или тело на колективниот Запад, а особено ако се работи за внатрешно прашање, ние како заедница сме толку некритични, што на моменти тоа преминува и во типична политичка култура на подаништво. Искажаните ставови и судови на ваквиот вид тела, не само што стануваат топ тема во нашата јавност, туку и ултимативен аргумент за тоа дали нешто е праведно или погрешно. Таков беше случајот кога Венецијанската комисија даде забелешки за Законот за двојазичност, така е и сега со нацрт – Извештајот на Европската комисија (ЕК) каде се споменува балансерот.

Имено, ЕК забележува дека балансерот, како алатката за човечки ресурси кој го одредува процентот на застапеност на вработени во јавниот сектор од секоја етничка група, ВЕЌЕ НЕ ГИ ИСПОЛНУВА ЦЕЛИТЕ. Што ќе рече, до сега беше добар, од сега веќе може и да го укинете. Се разбира, за штетата која ја има направено оваа алатка, никаде не станува збор. Зошто? Па затоа што токму институциите на ЕУ беа идејните конструкти на ваквите „рамковни алатки“ во Македонија, за сега лицемерно да се амнестираат од предизвиканите штети од истите, нотирајќи во Извештајот дека „паралелните процедури за вработување (поставени за да се зголеми вработеноста на малцинставата во јавниот сектор) МОЖЕ да ги поткопаат принципите на ефективност и да влијае на независноста на институциите“. Како тоа „може“?! Алатката балансер, не само што ги има поткопано принципите на ефикасност, рационалност и квалитет на јавната администрација, туку ваквата политика на вработување по етнички клуч беше еден од главните мотори, како околност што доведе до злоупотреба на можноста од постоење на приватни високообразовни институции, но и злоупотреба на правото на образование на мајчин јазик. Преку праксата на „штанцање“ дипломи се деградираше и квалитетот на целокупното образование во Македонија.

Дополнително, балансерот како алатка се втемели како дискреционо право на ДУИ за партиски вработувања. Речиси да нема државна и јавна институција или претпријатие, било од централен или од локален карактер, каде балансерот не бил грубо злоупотребен, а ваквите злоупотреби ќе продолжат и понатаму, без оглед што Европската комисија предупредува дека балансерот повеќе „нема потреба да се применува“. Во оваа насока, важно е да се забележи и дека со спроведувањето на балансер политиката се наштети и на секундарните малцински групи (Турци, Роми и слично), чиј колач кој им следува согласно балансерот – постојано се голта од страна на ДУИ во корист на Албанци.

Инаку, Балансерот, исто како и институтот Бадентер, како производ на Охридскиот рамковен договор (ОРД), со кои се предвидува механизам кој при одлучувањето ќе ги заштити малцинските групи од волјата на мнозинството, во македонски услови, за краток период станаа алатки за тиранија на малцинството врз мнозинството. Доказ за тоа е што овие политики не важат обратно, на пример, има еден куп институции и претпријатија каде доминираат вработени Албанци. Ваквата контрадикција е особено забележителна кога на дневен ред доаѓаат одредени политички прашања, кои не само што немаат врска со малцинските права (правата на Албанците), туку напротив, тие се директно на штета на македонскиот народ – албанските партии во Македонија овие прашања ги прогласуваат како врвен интерес на албанското малцинство?! Па така, сѐ што е против таквите политики се прогласува за албанофобично, националистичко и ксенофобично. Таков беше случајот со Преспанскиот договор, како и со Францускиот предлог, а приметно е и дека мрежата на истите околности се плете и околу бугаризацијата на Уставот.

Се разбира, кога нашите „стратешки партнери“ ни го сервираа ОРД, ни рекоа дека ова е „клучот“ за подобрување на меѓуетничките односи, но во пракса се покажа дека тоа воопшто не е така. „Меѓуетнички тензии“ станаа алатка за закана и уцена во спроведување на сите анти-македонски политики, без разлика дали се работело за нешто од интерес на албанците или од интерес на некој од центрите на колективниот Запад.

Морам и да признаам дека помалку сум изненаден, или поточно, разочаран од граѓанските (буржоаски) критичари на овие рамковни политики. Конкретно за балансеров, повторно, после погоре споменатиов извештај на ЕК, тие немаат храброст да кажат дека една ваква замислена политика и нема друг пат да се спроведе освен да биде „злоуотребена“. Тие уште се држат за тоа дека балансерот бил злоупотребен – а какви резултати очекуваа на една ваква небулоза наречена „позитивна дискриминација“?! Доколку навистина очекувале ваквите рамковни алатки да дадат добри резултати, тоа подразбира дека ги прифатиле и се согласни со основните премиси за нивното воведување. Да ги потсетам, причината за установување на овие пракси беше „исправање на неправдата врз Албанците како дискриминирано малцинство“…

Но сепак, сега со ваквите нотирања, ДУИ и општо албанската политичка елита во земјава, во очите на нивниот политички олтар, „патот кон ЕУ“, се лицемери. Тие мижат пред пораките на Брисел за Законот за двојазичност, балансерот, изборниот модел, но се ококоруваат во барањата Македонците да се откажат од името на државата, македонските малцинства во соседството, од јазикот, од историјата и да го менуваат Уставот за задоволување на бугарските шовинистички интереси.

Реџеп Исмаил-Хактан, Член на Президиумот на Левица

  • Текстот е превземен од fokus.mk