АктуелноЛокалноНастани

Археолозите открија римски мозаици на локалитетот Стакина Чешма во Валандово

Мозаици од римскиот период истражуваа археолозите од Археолошкиот музеј во Скопје, во дворот на Анѓел и Румена Николови во Валандово. Ова не е ново откритие. Мозаиците се евидентирани уште во 70-те години, но никогаш досега не биле соодветно истражени. Македонските археолози немаат често шанса да ископуваат на приватно земјиште – не е приориотет, државата нема пари или сопствениците не дозволуваат пристап до културното наследство.

Овогодишните истражувања на локалитетот Стакина Чешма не се спроведоа на позицијата на Римскиот домус, туку беа поделени во две фази на други локации. Првата фаза се реализираше во мај, на позиција во непосредна близина на локалитетот каде со геофизичките истражувања спроведени во 2022 година се појавија аномалии кои беа интерпретирани како архитектонски остатоци, а втората фаза се реализираше во јули кога се отворија мозаици откриени во 70-тите години на минатиот век.Резултатите од првата фаза на проектот ни дадоа нови информации од аспект на стратиграфијата на терасата на Анска Река, при што на длабочина од 2 метри се пронајде културен хоризонт со доцноантичка кујнска и градежна керамика.

Објектот кој се истражуваше во втората фаза од проектот бил истражуван уште во 70-тите години, но за жал освен локацијата малку знаевме за него. Со цел изработка на целосна документација според модерните практики, како и заштита на овие мозаични подови, а воедно и добивање на поцелосна слика за доцноантичкиот урбан центар во Валандово, решивме да ги отвориме овие одамна заборавени мозаични подови.Со истражувањата се открија две простории од поголем објект кои се каскадно поставени, бидејќи така наложува теренот. Двете простории се покриени со мозаични подови изработени во opus tessalatum со геометриски мотиви.Со резултатите добиени од истражувањата, уште еднаш се потврдува хипотезата дека локалитетот Стакина Чешма не е осамен, туку дека под денешно Валандово лежи цел еден доцноантички урбан центар што најверојатно бил многу поголем од денешниот град.

Проектот се реализираше како дел од Годишната програма на Археолошкиот музеј финансиран од Министерството за култура. Раководител на истражувањата е м-р Радомир Ивановиќ, а учесници во истражувањето оваа година се: Мила Шурбановска, ко- раководител; м-р Перо Синадиновски, Филип Аџиевски, Благоја Китановски, Игор Ширтовски, Ване П. Секулов, д-р Мишко Тутковски, д-р Христијан Талевски и Даниела Стоилкова – членови на стручниот тим.