Кој заработува најмногу од конфликтот во Украина?

Според весникот „Тајмс“, најмногу се има офајдено британскиот производител на оружје „BAE Systems“, затоа што Киев, но и другите влади во светот, нарачуваат се повеќе оружје.

Имено, Британскиот производител на оружје BAE Systems доби рекордни нарачки од 66 милијарди фунти како дел од напорите на светските армии да се вооружат среде конфликтот во Украина.

Инаку оваа компанија е позната по производството на авионите Тајфун, нуклеарни подморници и муниција за британската војска.

„BAE Systems“ ги надмина очекувањата на британските експерти со својата нова прогноза за профит, и им порача на инвеститорите дека профитот по акција ќе порасне за 12 отсто оваа година, во споредба со претходната стапка на раст од 7 отсто, пренесува Тајмс.

Приходите на компанијата се зголемија за 11 отсто односно на 12 милијарди фунти за половина година. Оперативниот профит се зголеми за 20 отсто односно на 1,2 милијарди фунти, а слободниот готовински тек скокна од 123 милиони фунти на 1 милијарда фунти.

За процутот на бизнисот на оваа компанија не се заслужни само нарачките од Киев туку и на многу други земји каде конфликтот во Украина влијаел на севкупната перцепција на закана.

„Имате влади ширум светот кои ги фаворизираат нивните одбранбени приоритети наспроти другите приоритети. Одбраната оди напред. И Азиско-пацифичкиот регион е уште еден театар на растечка закана ,” потенцираше претседателот на компанијата.

„Тајмс“ го наведе примерот на британската влада, која на почетокот на оваа година се најде на удар на Комитетот за одбрана, бидејќи резервите на муниција во земјата паднаа на минимум, па британското Министерство за одбрана потпиша договор вреден 280 милиони фунти со „BAE Systems“ за набавка на артилериски гранати од 155 милиметри и друга муниција.