АктуелноЛокално

Левица: Шест милиони денари за Артан Груби да го слави Рамковниот договор

  • Реакција на Политичката партија Левица

При состојба на висока социјална загрозеност на огромен дел од народот, ДУИ организира настан за годишнината на потпишувањето на Рамковниот договор кој ќе ги чини граѓаните шест милиони денари.

Министерството за политички систем од своето формирање до денес функционира како сѐ, освен како министерство. Министерството практично служи како нелегален штаб на партијата ДУИ, спортско игралиште за функционерите на ДУИ и главно дувло за вдомување на партиската рамковна армија на ДУИ. Сега веќе и за организирање на скапи и луксузни прослави за Рамковниот договор како шлагот на тортата наречена: самоволието на ДУИ со несовесно трошење на народните пари.

Како и минатите години – така и оваа, вицепремиерот Артан Груби, преку Министерството за политички систем, повторно ќе организира луксузна прослава за годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Ја потсетуваме јавноста дека на прославата организирана од ДУИ минатата година, која ги чинеше граѓаните над 4 милиони денари, кулминираше со исвиркување на македонскиот јазик.

Покрај традицијата на огромен трошок, иста е и фирмата која е ангажирана за организација на “свадбата без невеста“. Имено, повторно станува збор за тетовската фирма блиска до ДУИ, Арбериа Дизајн, која без конкуренција го добила тендерот и која само за осмислување на концептот за прославата ќе добие речиси 6 000 евра.

Над 100 000 евра ќе го чини народот: стихотворба од реномиран поет; 3 спота за песна, постигнувањата на Охридскиот договор и промоција на 22 годишнината од потпишувањето; изнајмување на сала во хотел со минимум 4 ѕвезди во централното подрачје на Скопје; гозби; хотелски услуги; фестивал со домашни и странски изведувачи; ангажирање на експерт за организација на обука за млади лидери; изработка на лого; печатење промотивни материјали и слични непродуктивни и бесмислени трошоци.