Интернационално

Како едно слепо момче стана руски и светски математичар

Лев Понтрјагин има вложено неверојатни напори да го совлада својот недостаток. Има оставено значајна трага во светската наука, па дури и го спречи пренасочувањето на текот на сибирските реки.

Еден несреќен ден во 1921 година на едно обично советско момче Лев Понтрјагин му се случила страшна трагедија. Во рацете на 13-годишното момче експлодирало расипано плинско решо кое се обидел да го поправи. Тогаш момчето целосно ослепело.

Таткото на Лев Семјон Антонович бил сведок на овој несреќен настан и тоа целосно го скршило. Почнал да страда од епилептични напади, брзо станал инвалид и набргу починал од мозочен удар.

Меѓутоа, момчето не се откажало. Не само што преживеало, но и успеало да стане исклучителен научник од светски ранг.

Лев Понтрјагин како дете

Животен избор

Првите денови по трагедијата биле најтешки во животот на Лев. Се чинело дека со училишните денови е завршено, но му помогнале другарите од одделението. Тие му кажувале што пишува учителот на таблата и му помагале со домашните задачи.

Пред момчето се појавило тешко прашање каде ќе го насочи својот живот. Учело да свири клавир, се обидело да се занимава со занаети. Меѓутоа, неговата вистинска страст била математиката.

Огромна помош во совладувањето на науката на момчето му дала неговата мајка, обичната кројачка Татјана Андреевна. „Покажа огромна самодисциплина и пожртвуваност, помагајќи ми да ги совладам тешкотиите“, се сеќаваше Понтрјагин. „Без никакво системско образование, ми помагаше да ги учам лекциите додека бев на училиште, ми читаше книги не само од хуманистичките науки, но и од математика, кои воопшто не ги познаваше, при што овие книги ја надминуваа училишната програма“.

Семјон Акимович и Татјана Андрејевна, родителите на Лев Понтрјагин

Мајката во целост му се посветила на синот, фактички извршувајќи работа на негов секретар. Секој ден гласно му читала повеќе десетина страници со математички формули коишто тој ги паметел.

На Татјана Алексеевна ѝ било најтешко на Лев да му ги објасни математичките знаци што не ги гледал. За секој знак смислувала специјален израз што момчето можело да го разбере („опавче нагоре“ итн.). Идниот научник никогаш во животот не користел Брајово писмо, специјално прилагодено за слепите.

Понтрјагин во 1925 година го завршил училиштето со исклучителен успех и се запишал на Физичко-математичкиот факултет на Московскиот универзитет. На предавањата, секако, ништо не запишувал, само паметел. Ноќе, лежејќи в кревет, размислувал за она што го слушнал. „Запишувањето го одвлекува вниманието од разбирањето на самото предавање“, сметал Лев Семјонович.

По универзитетот следувале докторските студии и предавачката дејност. Веќе на 27 години Понтрјагин станал доктор на физичко-математички науки.

Да се живее со полни гради

Во секоја фаза од неговиот животен пат мајката на синот му давала сесрдна поддршка, без која тој тешко дека би можел тоа да го постигне. Му помагале и колегите од факултет, асистентите, другарите и познаниците. Математичарот слушал и паметел. Развил феноменално паметење и во главата имал огромно количество информации.

За запишување на своите научни работи Понтрјагин користел машина за пишување. Истовремено оставал простор во кој потоа според неговото диктирање се запишувале формули.

Подоцна Понтрјагин започнал интензивно да користи магнетофон. Неговата мајка или асистентите на магнетофонска лента му ја снимале научната или уметничката литература која Лев Семјонович потоа ја преслушувал. Тој, од друга страна, ги снимал своите трудови на лента кои потоа им ги предавал на помошниците на запишување.

Научникот се трудел да живее исполнет живот. Практично не користел никакви помагала, се движел без стап и без помош од други луѓе. Поради тоа често паѓал и на лицето имал свежи гребнатинки и драски. Сепак, Лев Семјонович самиот ќе станел и ќе продолжел понатаму.

Понтрјагин исто така научил да танцува, да се занимава со нордиско скијање и со лизгање. Освен тоа, двапати се оженил.

Голем математичар

Лев Понтрјагин бил автор на околу 300 публикации, вклучувајќи и неколку монографии и учебници. За својот придонес во науката има освоено низа советски државни награди и други високи звања, беше почесен член на Меѓународната академија за астронаутика, на Лондонското математичко друштво и на Унгарската академија на науките, како и почесен доктор на науки на Салфордскиот универзитет (Велика Британија).

Благодарение на Понтрјагин во науката се имаат појавно термини како што се Понтрјагиновиот принцип на максимумот, Понтрјагиновите класи, дуалноста на Понтрјагин, Понтрјагиновиот квадрат, критериумот на Андонов-Понтрјагин и други.

Лев Семјонович има одиграно значајна улога во спорниот проект за пренасочување на низа сибирски реки во сушните региони на Средна Азија да не биде реализиран. Имено, математичарот пресметал до какви негативни последици би довел ваквиот потег и лично за тоа му упатил писмо на Михаил Горбачов кој бил на чело на земјата.

Во чест на академикот Понтрјагин името го имаат добиено астероид и улица во Москва, а исто така поставени се и две негови бисти, од кои едната се наоѓа во Руската државна библиотека за слепи лица.

„Зошто Лев Смејонович направи толку многу?“, се прашуваше колегата на Понтрјагин математичарот Игор Шафаревил. „Мислам дека тоа беше зашто никогаш не се прашуваше дали има доволно сила за некоја работа. Се фаќаше за работа, а силата сама му доаѓаше. Постојано ги надминуваше границите на можното“.

Претседателот на комисијата на Ленинските и Државните награди Мстислав Келдиш му врачува на академикот Лев Понтрјагин значка и диплома на лауреат.