97 години од смртта на Крсте Петков Мисирков
Денес одбележуваме 97 години од смртта на македонскиот револуционерен деец, иделолог за единство на македонскиот народ со интелегенцијата од што произлегла и самостојноста на Македонија. Воедно е собирач и проучувач на македонското народно творештво.
Крсте Петков Мисирков е роден во ноември 1874 година во селото Постол, Ениџевардарско во Егејска Македонија. Умрел на денешен ден 1926 година во „Александровската болница‘’ во Софија по тешко боледување.
Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“ која е и најзначајно негово дело, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.
Списанието „Вардар“ е првото списание за наука, литература и политички прашања целосно на македонски јазик со уредник Крсте Мисирков што го печатил 1905 година во Одеса. Излегло во еден единствен број.
„За македонцките работи“ била испечатена во 1903 година во Софија, тогашно Кнежество Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Самата книга има над 120 страници и поделена на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија.
Книгата откако била испечатена во Софија била изгорена од тамошните власти. Од изданието успеале да се спасат мал број примероци.
Во таа книга Мисирков ја обработува положбата на македонскиот народ, актуелната тогашна политичка и етнографска состојба на Македонија и пошироко. Најзначаен дел е последната глава од книгата наречена „Неколку зборои за македонцкиіот литературен іазик“ во кој јасно Мисирков дава предлог за оформување на литературен стандарден македонски јазик заснован врз централните говори. Од поголемо значење е и тоа што Мисирков користи азбука што е база за денешната македонска кирилична азбука.
Книгата на Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското националноослободително движење. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.
Други позначајни пишани творби на Мисирков се неколку статии меѓу кои:
Македонија и славјанството — објавена во „Славјанскија Известија”, Петроград.
Македонски национализам – објавена во списанието „Мир“
Самоопределувањето на Македонците – објавена во „Мир“
Борбата за автономија – „Македонскиј голос, (Македонски глас)