Гордоста на Британија, носачот на авиони „Принцот од Велс“ се користи за резервни делови

„Принцот од Велс“, еден од двата британски носачи на авиони, потрошил повеќе време на поправки отколку на пловење по морињата. Тоа е најголемиот брод во британската флота, кој чинеше околу 3,2 милијарди фунти. Од овој брод ќе се отстрануваат делови за да се опслужува „сестринскиот“ брод „Кралицата Елизабета“, пишува „Телеграф“.

Тој моментално се наоѓа во шкотско бродоградилиште откако се расипа крај брегот на јужна Англија во август. Проблемите со пропелерот се најнови во долгата серија технички проблеми што го мачат бродот долг 284 метри, кој официјално стана дел од британската морнарица пред три години.

Проблемите започнаа уште во 2020 година, кога се поплавија кабините кај моторите на бродот и еден метар вода ја потопи електричната инсталација. Само неколку месеци претходно, се урна покривот на станбениот оддел, изложувајќи ги морнарите на опасност.

„Не е невообичаено опремата да се разменува меѓу бродови од иста класа за да се обезбеди оперативна достапност и да се избегнат одложувања“, рече портпаролот на Кралската морнарица. За „Кралицата Елизабета“ од „Принцот од Велс“ беа земени филтрите за масло и гориво, ланецот од еден од лифтовите што се користат за транспорт на борбени авиони од внатрешните хангари до платформата на носачот …

Инаку во морнарицата велат дека ова отстранување на деловите, се нарекува „канибализација на опремата“, и заштедува време и пари, особено ако се земе предвид дека поправката на „Принцот од Велс“ ќе чини околу 25 милиони фунти.

Сепак, портпаролот на морнарицата изјави дека не се откажуваат од поправката на споменатиот воен брод, а се очекува тој да биде оперативен есента 2023 година.