Безбедноста при работа во Македонија на исклучително ниско ниво

Македонскиот работник има двојно поголеми шанси да загине на работното место отколку неговиот колега во Европската унија, покажуваат податоците на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР). Со измените на законот за работни односи, кои не ограничуваат прекувремени часови дневно, кои се донесоа поради изградбата на автопатите од страна на „Бехтел и Енка”, ситуацијата веројатно ќе се влоши, велат тие.

Двајца градежни работници загинаа во тетовското село Шипковица кога врз нив паднал потпорен ѕид кој го граделе. Повреден работник во Радовиш. Работник загина во скопска Железара. Работник загина на градилиште во Чаир. Градежен работник загина по пад од платформа на градилиште во центарот на Скопје. Загина тракторист во кумановско. Загина маж во Радовиш откако со трактор излетал од патот.

Ова се наслови од македонските медиуми само од изминатите три месеци. Несреќа при работа со жртви во просек се случува на секои две недели.

Според годишниот извештај на МЗЗПР, во 2022 година нотирале 22 смртни случаи и 147 повреди при несреќи на работно место. Во извештајот се нагласува дека ова е конзервативна проценка, затоа што според податоците на Институтот за јавно здравје до 2020 година има околу 1.500 потешко повредени на годишно ниво.

Објавните податоци покажуваат дека во Македонија просечно, годишно гинат над тројца работници на 100 илјади вработени, додека во Европската унија гинат околу двајца. Во поразвиените европски земји има по помалку од еден смртен случај на 100 илјади работници. 

Бројките за загинати при работа на Трудовиот инспекторат и на Здружението за заштита при работа се различни. Здружението ги смета сите што загинале додека работеле, додека инспекторатот само оние за кои има пријава за повреда на работно место.