Објавено јубилејното издание на целокупното творештво на поетесата Даница Ручигај
По повод шеесетгодишнината од смртта на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто, Даница Ручигај, во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, деновиве од печат излезе јубилејното издание на нејзината целокупна поезија „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, што го приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти, кои повеќе од две децении неуморно ја истражуваат рецепцијата на Даница Ручигај во Македонија и во светот и посветено се грижат за нејзиното духовно наследство.
Иако зад себе остави само две стихозбирки, од кои првата „Сребрени ноќни игри“ беше објавена во 1960 година, а втората „Заробеници на ветрот“ постхумно, неколку месеци по нејзината смрт во 1963 година, Даница Ручигај, која многумина ја нарекуваат македонската Силвија Плат и амазонка на македонската поезија, остави неизбришливи траги не само во современата македонска литература туку и во македонската култура воопшто. Таа со својата исконска физичка и духовна убавина и со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие простори, ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет тргнаа модерните, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Мора да се признае, сакал некој или не, дека во тоа време, крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови претставува вистинска авангарда, велат Стаменов и Чоловиќ во прилогот на изданието.Ова јубилејно издание, впрочем како и претходното „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, што Свето Стаменов и Искра Чоловиќ го приредија во 2003 година по повод четириесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса, ги содржи двете нејзини стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, како и двете нејзини последни песни „Кругови“ и „Без наслов“ („Се враќам да ја затворам вратата“) пронајдени во урнатините на нејзиниот дом на падините на Водно. Во делот со наслов „За Даница кажаа…“, пак, приредувачите даваат кратки размисли и импресии за ликот и делото на поетесата на педесетина научни, културни и книжевни дејци од земјата и странство. Книгата содржи и комплетна библиографија на книжевниот опус на Даница, како и на секундарната литература за неа (книги, есеи, литературни критики, осврти… аудио и ДВД-изданија), како и преглед на културните и научните настани поврзани со нејзиното творештво (промоции на книги, литературни вечери и симпозиуми и сл.) во изминатите шест децении.
Книгата е збогатена и со пригодни текстови посветени на Даница Ручигај и на нејзиното творештво на проф. д-р Васил Тоциновски, литературен критичар, писател и поет; проф. д-р Милан Јазбец, словенечки дипломат, универзитетски професор, писател и поет; проф. д-р Намита Субиото, истакната словенечка славистка и македонистка – шеф на одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, д-р Лилјана Пандева, писателка, и проф. д-р Димитар Пандев, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и истакнат лингвист, славист и македонист и писател.
Свето Стаменов и Искра Чоловиќ досега ги објавија следниве книги посветени на Даница Ручигај и на нејзиното творештво: „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај: Песна над песните“ (2020) и „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021), како и антологијата на песни посветени на Даница Ручигај, „Недореченост, о, проклета да си“ (2018), а како што веќе е истакнато, беа приредувачи и на книгата на Даница Ручигај, „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, која беше објавена во 2003 година по повод четириесетгодишнината од нејзината трагична смрт.