„Зборувај за Скопје – одбележување на 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес“ Мултимедијален настан во Музеј на Град Скопје

На 26 јули (среда), со почеток од 20:00 часот, во Музејот на град Скопје, ќе се одржи мултимедијален настан, во организација на музичката платформа „Терапија“. Настанот ќе обедини повеќе уметности: музика, слика, филм, визуелна уметност.

Во пресрет на 60 годишнината од одбележувањето на катастрофалниот скопски земјотрес, платформата „Терапија“ подготвува навистина уникатен настан кој ќе се одржи во Скопје. Старата Железничка станица, денеска Музејот на град Скопје ќе биде јавниот простор кој ќе обедини повеќе македонски уметници, DJ артисти, изведувачи, претставници на филмот, фотографијата и др., кои ќе не потсетат на старо Скопје, но и ќе го трасираат патот понатаму.

Предвидена е изложба на тројцата истакнати македонски уметници: Михаил Корубин, Антони Мазневски и Велимир Жерновски. Преку своите дела, тие ќе „зборуваат“ за уметноста во Скопје, за нивната перцепција за овој град и емоциите кој истиот ги буди кај сите нас. Присутните ќе имаат можност да уживаат и во изложбата: „Скопје – градот Феникс“

На мултимедијалниот настан ќе се прикажат и филмовите „Скопје сонува“ и „Мементо“. Исто така, на визуелен начин ќе бидат презентирани сегменти од весници и медиуми кои известувале за постземјотресно Скопје.

Настанот ќе го модерира и води нашиот познат актер и уметник, Игор Џамбазов.

„Многумина ќе се спротистават на славењето на природна катастрофа, која земала многу животи и уништила илјадници домови, јавни објекти и установи. Но, ние ги истакнуваме вредностите кои се случија по оваа непогода во 1963 година. Солидарноста, хуманоста, емпатијата како основни водилки, кои придонесоа Скопје повторно да се изгради и да стане метропола. Токму овие вредности очајно ни фалат денеска. Токму овие вредности недостасуваат на Скопје, на луѓето, на сите ентитети кои сакаат поубав град и поквалитетен живот.“ – велат претставниците oд музичката платформа „Терапија“.

Тие ги покануваат сите граѓани, да дојдат на 26 јули во Музејот на град Скопје, од 20:00 часот и сите заедно да зборуваме за чист и урбан град; за град кој е дом на сите генерации; за вистинска култура, сцена и ноќен живот. Да зборуваме и да работиме за Скопје!