Општина Босилово ја одложи Седницата за „Рудниците на смртта“ без објаснување

  • Соопштение на еко-активистите од „Здрава котлина“

Ја известуваме јавноста дека на19.07.2023г. во 13 часот пред зградата каде што се одржуваат седниците на Совет на о. Босилово, дојдоа околу 50-ина активисти и борци против рудникот „Иловица-Штука“. Откако сите насобрани луѓе и советниците влеговме во просторијата пред официјално да почне седницата, со градоначалникот Ристо Манчев разговаравме за итната потреба да се донесат двете точки на Дневен ред и да се изгласаат.

Едната точка обврзува на носење одлука за сите тековни и идни активности за истражување и експлоатација на металични минерални суровини, а другата за декларативен став на секој советник поединечно дали е против рудник.
Од наша страна беше укажано дека првата точка е локален пропис и доколку се донесе како одлука на Советот, секојпат однапред ќе има важност за да се дестимулираат корпорциите што сакаат да ископуваат металични минерални суровини на територија на о. Босилово.

Но доколку во иднина Министерството за економија побара мислење за нов конкретен проект, и доколку Советот (сегашен или следен) сака да даде негативно мислење може оваа одлука да ја искористи како алатка да се заштити и повторно да даде негативно мислење по однос конкретниот проект. Но доколку Советот сака да даде позитивно мислење по однос на евентуалниот конкретен проект, тогаш ќе мора да ја поништи оваа Одлука, па после да одлучува позитивно.

Градоначалникот, кој се изјасни дека лично е против рудник, тврдеше дека оваа Предлог одлука е противзаконска. На база на тоа дали е законска или не, веднаш објаснивме дека откако ќе се изгласи Одлуката по регуларна процедура се праќа на Уставен Суд за утврдување на нејзината исправност и законитост, а со тоа и дека ќе немаме никакви правни последици. Дури и извршивме промена на спорните места, се’ со цел како не би оставиле ни малку простор за двосмисленост или евентуална правна недоследност.

За втората точка работите се сосема јасни, советниците со цело право можат секој поединечно да го искажат својот став дали се против рудникот. Ова е декларативен став и има за цел да се даде јасен сигнал дека Советот на о.Босилово е на страната на жителите и дава силна поддршка против рудникот.

Откако се договоривме на денешната седница да се поднесат точките за да може да се дискутираат и изгласаат, претседателот на Совет, Мито Андонов, објави пауза од 15 минути. Сите излеговме надвор и бевме во исчекување и во надеж дека барем точката за декларативен став против рудникот ќе биде ставена на Дневен ред и дека советниците недвосмислено ќе покажеме дека заземаме став против рудникот и ова ќе одекнеше силно, а богами и ќе го разбереа и „најголемите играчи“ кои се на страната на рудникот.
НО…

За време на паузата, некако дознавме дека седницата нема ни да започне! Претседателот Мито Андонов, без никаква консултација со советениците, самоволно решил воопшто да не ја започне седницата. Советникот и активист Стојан Велков бараше официјално објаснување и излагање пред Советот од страна на претеседателот, но тоа не се случи. Напротив, вратата од зградата беше заклучена, а клуч иако баравме, сепак не добивме, и сите советници кои останаа до крај немаа шанси да влезат и да одлучат што со седницата, која имаше за решавање и други приоритетни прашања.

Народот беше бесен, затоа што беше изигран. Очигледно беше самоволието на претседателот Мито Андонов, од кој ќе бараме писмено официјално известување, но и одговорност за одлагање на седницата.

На паузата, исто така, се случи инцидент! Имено, откако активистка Милена Зафирова извади телефон да го сними претседателот, тој вербално ја нападна и насилно сакаше да и’ го одземе телефонот од раката, при што телефонот падна на земјата. Сите на свој начин изреагиравме на таквиот недоличен и груб начин на решавање на работите и мислиме дека ова беше намерно направено за да се испровоцира поголем инцидент и да се има било каков изговор за одлагање на седницата. Но, и покрај целата тензија,активистите бевме прибрани и ненасилни, затоа што нашата цел е Советот конечно да се изјасни по прашањето за рудникот.

А седница не добивме! Зарем не е противзаконски на таков начин да се одложи седницата?

Уште сега најавуваме дека на следната седница на Совет повторно ќе има гости, и тоа во многу поголем број!
Апелираме секој од советниците поединечено да размисли и да донесе лична одлука за тоа дали ќе застане на страната на рудникот или со својот став ќе се бори за здравјето на своите сопствени деца!

Во меѓувреме, ситуацијата доправа ќе станува жешка, особено после дрската изјава на министерот за економија Крешник Бектеши, дека нема да ја повлечат одлуката за спојување на мртвите концесиите! За ова самоволие ќе имаме реакција утре.

Борбата се заострува на секое поле!
РУДНИК НЕМА ДА ИМА!