Дејвид Гир: Внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде последното барање од ЕУ
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир вечерва во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма вели дека уставните измени нема да бидат последното барање од ЕУ, туку земјава треба да се фокусира на реформите, особено во владеење на правото.
Уставните измени нема да бидат последното доставено барање до оваа земја. Ние ќе бараме од оваа земја на секој чекор да прави реформи. Важна работа е барањата да бидат засновани на реформи. Дали направивте реформи во владеењето на правото, во животната средина и во сите тие области. Таму треба да биде фокусот, а не билатерални барања да влегуваат во процесот – рече Гир.
За тоа дали е можно уставните измени да се донесат до ноември, Гир рече дека прашањето како сега да се направи прогрес е големо.
Прашањето дали земјата може да се обедини на програмата за ЕУ реформи, да се пресече политичкиот јаз, со цел да се напредува одлучно. Кога ќе ги погледнете другите земји како Хрватска или Словенија, сите оние земји што неодамна се зачленија, нивното искуство беше дека политичките групи се обединија иако беа многу поделени по многу области, по ова прашање работеа заедно за да постигнат заедничка цел – членство во ЕУ. Сметам дека истото треба да се примени и тука за уставните измени. Но тоа е само почетокот, бидејќи потоа секој чекор од патот мора да биде со заедничка посветеност да оди напред – вели Гир.
Дали е оптимист дека измените во Уставот ќе се случат до ноември, Гир кажа дека уставните измени ќе бидат одговорност на секој индивидуален член на Собранието.
Она што би им го кажал на нив, е дека тие ќе мора да решат самите за себе. Да ја погледнат големата слика, да погледнат кој е националниот интерес и да одлучат врз основа на тоа. Сметам дека доколку луѓето го погледнат ова големо прашања, имам оптимизам дека може да се придвижиме напред – нагласи Гир.