Загина во борба против бугарскиот фашистички окупатор – 79 години од смртта на Благој Јанков – Мучето

На денешен ден, 4 јули 1944, од страна на бугарските фашисти во градскиот парк во Струмица е убиен македонскиот народен херој Благој Јанков – Мучето.

Роден е на 3 јуни 1911 година во Струмица.

Основно образование завршува во родниот град, а потоа се запишал во струмичката гимназија, од каде набрзо ќе биде исклучен поради својот бунтовен дух. Потоа го изучува кројачкиот занает, и заминува на печалба во Белград.

Во тие времиња Вардарскиот дел на Македонија се наоѓал во состав на кралството СХС, а Македонците не биле признаени како посебен народ, и немале никакви национални права во сопствената земја.

Во Белград Мучето се поврзува со тамошните Македонци – студенти и печалбари, и почнуваат револуционерно да се организираат против окупаторската власт.

Во 1927 година, на 16 годишна возраст, додека делел летоци, Мучето е уапсен од српските жандарми и однесен во белградскиот затвор Главњача, каде одлежал 6 месеци робија.

Откако излегол од затвор, тој се враќа во родната Струмица и почнува да ја организира струмичката младина.

Мучето ги организирал струмичките работници и синдикалци, и бил главен водач и организатор на штрајкот за подобар живот на македонските работници.

Во тие времиња само тогашната Комунистичка партија го признавала правото на поробените народи на самоопределување, и го признавала правото на Македонецот слободно да се изјасни како Македонец, и покрај негаторските државни политики на соседните држави – Србија, Бугарија и Грција.

Затоа најголемиот дел од македонските патриоти и борци за обединета Македонија, стануваат членови на таа партија, со цел организирано да се борат за правата и националната слобода на Македонците.

Така и Благој Јанков Мучето станува член на КП, и е главен организатор на многу синдикални штрајкови и протести.

Во 1938 година Мучето повторно оди во Белград, каде е следен и повторно е уапсен од српската власт.

Откако го пуштаат од затвор се враќа во Македонија, и набрзо потоа во 1941 година започнува бугарската фашистичка окупација на Македонија.

Српскиот окупаторски режим е заменет од бугарските фашисти. Мучето веднаш се вклучува во македонскиот отпор против фашистичката бугарска војска, и е еден од главните партизански организатори во источна Македонија, при што учествувал во формирањето на револуционерниот отпор во повеќе македонски градови како Берово, Радовиш, Валандово.

Најмногу се движел на релација Струмица – Штип, и бугарските фашисти успеваат да му влезат во трага.

На 17 август 1943, на еден партизански собир во една куќа во Штип, македонските партизани биле откриени и опколени од бугарските фашисти, и набргу започнала престрелка.

Македонците излегуваат надвор и во обид да го пробијат фашистичкиот обрач ќе загинат неколкумина партизани, меѓу кои и штипскиот револуционер Славчо Стојменски.

Мучето е ранет, но успева да го пробие обрачот и да се спаси.

Бугарскиот фашистички воен суд го осудува на смрт Благој Јанков Мучето, и распишува потерница и награда за негово апсење.Но тој продолжува со својата борба. Се враќа во Струмица и од таму ги раководи партизанските акции.

Набргу бугарските фашисти повторно го откриваат во една куќа во Струмица.

На 4 јули 1944 куќата е опколена, Мучето успева да излезе и започнува нерамноправна престрелка со фашистите по струмичките улици.

Пред влезот на градскиот парк во Струмица, Мучето е смртно погоден и херојски загинува за слободата на Македонија.

На 11 октомври 1951 Благој Јанков Мучето е прогласен за народен херој на Македонија.

Поранешниот премиер и најголем предавник на македонскиот народ Зоран Заев, во интервју за бугарската државна телевизија БТВ, се фалеше како додека тој бил градоначалник на Струмица, наредил од споменикот на Мучето во градскиот парк да биде избришано дека е убиен од бугарските фашисти.

ВЕЧНА МУ СЛАВА НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ ХЕРОЈ БЛАГОЈ ЈАНКОВ – МУЧЕТО!