Скопскиот дувачки квантет со концерт вечерва во Македонскиот културен центар во Загреб
Во Македонскиот културно информативен центар во Загреб, Хрватска, вечер ќе настапи Скопскиот дувачки квантет.
На програмата ќе бидат дела од Хајдн, Фаркас, Бизе, Агостини, Г.Смокварски -Тешкото.
Скопскиот дувачки квинтет постои повеќе од четириесет години и претставува дел од една традиција на камерна дружба меѓу плејада македонски уметници од дувачката фела. Овој камерен состав во текот на своето постоење изведува дела од светската ризница како и дела од македонски автори, некои и специјално напишани за овој ансамбл.
Скопскиот дувачки квинтет гостува на манифестациите Охридско лето, Денови на македонска музика, Скопско лето како и во Словенија, Хрватска, Босна, Бугарија, Австрија, САД, Русија, Израел, Полска, Србија, Црна Гора и Косово.
Во 2019 година Скопскиот дувачки квинтет ја доби наградата „Златна лира” највисоко признание кое го доделува Сојузот на музички уметници на Македонија за животно дело и врвни уметнички резултати. Изминатите години Скопскиот дувачки квинтет реализира голем број радио и тв записи како и два компакт диска 2010 и 2014 година, со изведба на дела од светската ризница и македонски автори.
Сегашниот состав го сочинуваат познати македонски уметници – членови на Камерниот оркестар Скопски солисти, Македонската филхармонија и Македонската опера – Марија Јакимовска – флејта, Васил Атанасов – обоа, Ристо Ѓоревски – кларинет, Орце Ицковски – фагот и Александар Гошев – хорна.