(Видео) Пензиските реформи протуркани на мала врата во парламентот – Франција гори

Француската влада ја „протурка“ контроверзната пензиска реформа во парламентот, без конечно гласање. Владата одлучи да го спроведе најважниот реформски проект на претседателот Емануел Макрон повикувајќи се на посебен член од Уставот, кој дозволува гласањето да се прескокне.

Постапката на Макрон, опозицијата ја критикува како „брутална“. На седницата премиерката Борн ја бранеше реформата и спроведувањето на член 49.3. на уставот – по што беше исвиркана.

Седницата започна толку турбулентно што веднаш по почетокот мораше да биде прекината на две минути. Пратениците од левицата ја пееја националната химна, спречувајќи ја премиерката да зборува. За да биде слушната, Борн мораше да вика на микрофонот. Притоа, таа ги нападна и левицата и десницата, вклучувајќи ја и најголемата десничарска екстремистичка опозициска партија Марин Ле Пен, која дејствуваше одзади. Аплаузот на претставниците на владејачката партија речиси и да не се слушна од големата врева.

Премиерката Борн мораше да вика на микрофон, од силната врева не можеше ни самата да се слушне

Левичарската опозиција го напушти собранието откако премиерката Борн најави примена на член 49.3. Премиерката рече дека ја презема одговорноста и сега очекува гласање за недоверба. Ова веќе го најавија неколку партии. Барањето мора да се поднесе во рок од 24 часа – до денес (петок) до 15:20 часот. Изгласувањето недоверба на владата значи одржување нови избори.

Новиот закон предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Многу Французи се против тоа.

По одлуката за спроведување на контроверзната реформа без гласање во собранието, илјадници демонстранти се собраа на Плас де ла Конкорд, најголемиот плоштад во центарот на Париз. Тие фрлаа со камења кон полицијата, а тие одговорија со солзавец и водени топови.

Протести имаше и во многу други градови во Франција. Луѓето спонтано излегоа на улиците од Шербур на север, до Монпеље на југ, од Нант на запад, до Нанси на исток од земјата. Тие се фрустрирани и лути и не разбираат како владата може да го направи ова.

И синдикалните лидери се огорчени што гласањето беше прескокнато, за кое претходеа неколкумесечни расправии и неколку големи демонстрации против пензиските реформи. Велат дека протестите и штрајковите ќе продолжат се додека не се повлечат измените на законот. Само во средата, околу 500.000 луѓе протестираа низ целата земја.