ЕУ: Поради тензиите во КиМ ќе има негативни последици за Приштина – Изборите итно да се спроведат

Шефовите на Европската унија (ЕУ) предупредуваат дека неуспехот да се релаксираат тензиите во Косово „ќе има негативни последици“ и бараат итни избори во северниот дел од земјата и продолжување на дијалогот Белград-Приштина, имплементација на Охридскиот договор, што вклучува и формирање Заедница на српските општини.

Тоа се наведува во нацрт-заклучоците од денешната и утрешната средба на шефови на држави или влади на ЕУ во Брисел, пренесе Бета.

Нацртот „ги осудува неодамнешните инциденти на северот на Косово и повикува на итно намалување на тензиите врз основа на клучните елементи веќе истакнати од ЕУ на 3 јуни 2023 година“.

Во документот се додава дека Приштина и Белград „мора да создадат услови за итни избори во сите четири општини на северот на Косово“ и се нагласува дека „неуспехот да се намалат тензиите ќе има неповолни последици“.

Oд фундаментално значење е да се продолжи дијалогот (Србија и Косово) со посредство на ЕУ, предводена од висок претставник на Унијата и со непречено спроведување на Договорот за патот кон нормализација на односите, како и Анексот за негово спроведување, се вели во подготвителниот документ на Самитот на ЕУ.