Промоцијата на романот „Јазол“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје

Вечерва 30 јуни,со почеток од 19:00 часот во спомен-собата на Миладиновци ‒ „Т’га за југ“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје ќе се одржи промоција на романот „ЈАЗОЛ“ од Дејан Алексиќ (Србија) во превод на Никола Кукунеш.

Промотори на настанот се Мите Стефоски и Никола Кукунеш. Одломки ќе чита Роберт Вељановски.

Дејан Алексиќ, еден од најзначајните и најнаградувани српски и регионални писатели за деца има одличен роман за возрасни “Јазол. За романот „Jазол“ во 2022 година ги добил наградите „Милош Црњански“ и „Владан Десница“. 
Книгата е во издание на ЕКС ЛИБРИС и е објавена како дел од проектот Регионалната мрежа за културна разноликост  READ-Regional Network for Cultural Diversity со поддршка од Европската Унија.
Дејан Алексиќ (Кралево, 1972), поет и автор на литература за деца. Дипломирал на Катедрата за српска литература и јазик на Филозофскиот факултет во Нови Сад.Објавил десет збирки поезија, една книга драми и преку дваесет книги за деца. Добитник е на голем број значајни награди за неговото литературно творештво: „Васко Попа“, „Меша Селимовиќ“, Змајевата награда на Матица српска, Наградата на САНУ од Фондот „Бранко Ќопиќ“, „Мирослав Антиќ“, „Ристо Ратковиќ“, Наградата на Просвета, Матиќев шал, Бранкова награда. За драмата „Вино и пингвини“ во 2010 година доделена му е Пекиќевата стипендија.Како автор на книги за деца застапен е во читанките и задолжителната лектира за основното образование во Србија. Во оваа област награден е со значајни признанија: двапати е добитник на наградите „Политикин забавник“ и „Невен“, награди на Саемот на книгата во Белград, „Русото перче“ („Плави чуперак“), „Раде Обреновиќ“, Наградата на градот Ниш за литература за деца, Златното Гашино перо, Доситеевото перо, Наградата на радио Белград, Како и меѓународните признанија „Малиот принц“ и „Белиот гавран“ („White Raven“).