ДНР Кореја: Планот на САД за повторно приклучување кон УНЕСКО е заканувачки потег
ДНР Кореја денеска го критикуваше планот на САД повторно да се приклучат на УНЕСКО како „заканувачки“ потег чија цел е да ја искористи меѓународната организација за „постигнување на хегемонистичка стратегија“.
Агенцијата на ОН со седиште во Париз овој месец објави дека САД имаат намера повторно да се приклучат на УНЕСКО во јули, објаснувајќи дека тоа е чин на доверба во УНЕСКО и во мултилатерализмот.
Овој потег на САД се очекува да биде одобрен од мнозинството од 193 земји членки. Оваа одлука има за цел да го спречи влијанието на НР Кина која е еден од најголемите донатори, објави Волстрит журнал во јуни.
„Јасна е заканувачката намера на САД да го забрзаат повторното влегување во организацијата… САД имаат неславна репутација за повлекување, не само од УНЕСКО, туку и од СЗО, Советот за човекови права на ОН и други меѓународни организации. “, стои во соопштението за печатот издадено од постојаната мисија на ДНР Кореја во УНЕСКО.
Американскиот претседател Џо Бајден ја смени одлуката на неговиот претходник Доналд Трамп да ги повлече САД од Светската здравствена организација (СЗО).
„Тие ја користат меѓународната организација како арена за конфликти меѓу различни табори и како простор за реализација на хегемонистичка стратегија, наместо за меѓународна соработка и публицитет“, се додава во соопштението што го пренесе новинската агенција KCNA.
САД се приклучија на УНЕСКО кога организацијата беше основана во 1945 година, но, се повлекоа во 1984 година во знак на протест поради наводното лошо финансиско управување и антиамериканското однесување, пред повторно да се приклучат на организацијата во 2003 година. Но, САД повторно се повлекоа од УНЕСКО во 2018 година, кога Доналд Трамп беше претседател на земјата.
Администрацијата на Трамп го објасни повлекувањето со „постојаните антиизраелски ставови што ги поттикнува оваа организација и нејзиното лошо финансиско управување“. ДНР Кореја е членка на УНЕСКО од 1974 година.