АктуелноИнтернационално

Кина со длабоко сочувство поради трагедијата во иранското пристаниште Шахид Раџаи

Кина денес изрази длабоко сочувство поради смртоносната експлозија што го потресе пристаништето Шахид Раџаи во јужен Иран, при што загинаа најмалку 46 лица, а повеќе од 1.200 беа повредени. Пекинг упати искрено сочувство до иранската влада, до семејствата кои ги загубија своите најблиски, како и до сите повредени во трагичниот настан.

„Изразуваме длабока тага за жртвите и им посакуваме брзо закрепнување на повредените“, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Експлозијата, која се случи на 26 април околу пладне, предизвика големи материјални штети во пристаништето, клучно за трговијата на Иран. Според официјалните ирански извештаи, несреќата настанала во складиштен простор со контејнери кои содржеле опасни хемикалии, меѓу кои и амониум перхлорат.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повика на итна и темелна истрага, додека министерот за внатрешни работи, Ескандар Момени, ја опиша експлозијата како резултат на „небрежност“. Властите воведоа тридневна жалост во провинцијата Хормозган, а 28 април беше прогласен за национален ден на жалост.

Пекинг, кој е близок економски и дипломатски партнер на Техеран, ја истакна својата подготвеност да пружи помош доколку е потребно, нагласувајќи ја важноста на солидарноста во овие тешки моменти за иранскиот народ.

Истрагата за причините и околностите на несреќата продолжува, додека меѓународната заедница ја следи ситуацијата со внимание.

Z P

Zvezdanka Pesikj