Четири странски рударски компании во Источна Македонија оствариле приходи од 250 милиони евра
Бројките се немилосрдни и покажуваат дека Источна Македонија не е сиромашна иако има таков третман. Затоа што лани четири рударски компании од Источна Македонија оствариле приходи до продажба на руди и концентрат вреден 250 милиони евра, а од тоа компаните оствариле добивка поголема од 50 милиони евра. Целата таа добивка ќе заврши надвор кај сопствениците и акционерите на четирите рудници.
Источна Македонија традиционално важи за најпасивен крај нашата земја. Мека е на гринфолд инвестициите затоа што животниот стандард на нејзините жители е понизок од просекот на државата. Зошто е сиромашна Источна Македонија кога е убедливо најбогат регион со рудни богатства?
Фактите покажуваат дека малата општина на истокот Македонска Каменица ја има една од најбогатите и најсилни фирми во земјава – тоа е Рудникот „Саса“.
„Саса“ ги засени сите други! Таа сама создава приход колку трите други рудници заедно!
Македонска Каменица има околу 6.500 жители според последниот попис во 2021 година. Само „Саса“ лани произвела приход, а тоа е од продажба на олово-цинкова руда во вредност од 108 милиони евра!!! Тоа значи просек од 16.700 евра по глава на секој жител на малата ридско-планинска општина. Од нејзините вкупно 6.500 жители барем 1.500 се привремени гастарбајтери, околу 2.000 лица се работно неспособни односно се пензионери и малолетни деца, а најмалку 500 лица работат во јавниот сектор и помалите приватни фирми во таа општина. „Саса“ во својот работен процес ангажира над 700 лица од оваа општина и најголем (а и од секогаш била) најголем работодавач во тој регион.
Но, и покрај тоа Македонска Каменица не е омилено место за живеење, дури и напротив. Стапката на иселување е висока иако рудникот плаќа редовно и пристојно…
Рударска компанија на истокот која е во експанзија е рудникот за бакарна руда „Боров дол“ од Радовиш кој го заменува „Бучим“. Тоа е всушност новиот коп за бакар на компанијата што години наназад го експлоатира националното рудно богатство во „Бучим“. Двата рудници лани направиле приход д 108 милиони евра, а добивката е речиси 10 милиони евра. Тие два капацитети заедно ангажирале лани над 670 вработени лица и се најголеми работодавачи во Општина Радовиш.
„Бучим“ се повеќе паѓа во сенка на помалиот брат „Боров дол“. Сепак добра вест е што лани постарата рударска компанија од Радовиш заврши со добивка за разлика од 2021 година кога книжеше минус на крај на годината.
Најстарата македонска рударска компанија, која од 2016 година се вика „БулМак“ (порано „Рудници Злетово“) е со најмали приходи во конкуренција на другите рудници во Источна Македонија. Тоа што во бившата СФРЈ беше синоним за силна рударска компанија втора во тогашната држава по словеченката општина Целје сега е само сенка на „Саса“ која создава оловно-цинкова руда исто како и злетовската компанија која под свое освен „Злетово“ го има рудникот во близина на Крива Паланка (поранешна „Тораница“). Ако е за утеха „БулМак“ е најголема рударска компанија во Македонија од аспект на број на вработени лица.
Висока профитабилност кај рударските компании покажува и најголемиот македонски рудник за мермер – прилепскиот Мермерен комбинат. Ова друштво лани имало стапка на профитабилност од 46 отсто колку што од неговите приходи останале како добивка.
Преземено од Фактор – Р.Ф.