Откриена човечка ДНК стара 25.000 години на палеолитскиот приврзок пронајден во пештера во Сибир

Истражувачите извлекле човечка ДНК од палеолитскиот приврзок и откриле дека припаѓа на жена од Сибир која живеела пред околу 25.000 години.

Ова е првпат научниците успешно да изолираат ДНК од праисториски артефакт користејќи ново развиен метод на екстракција, според студијата објавена во списанието Nature.

Во 2019 година, археолозите открија приврзок со мала големина закопан во пештерата Денисова на планините Алтај во јужен Сибир. Оваа пештера е позната по тоа што некогаш живееле неандерталците, мистериозните Денисовци, па дури и современите луѓе, според фосилни и ДНК докази. Приврзокот е уште еден доказ за човечкото занимање на пештерата. Со должина од околу 2 сантиметри, прободениот еленски заб содржел една дупка, која најверојатно била направена за да може носителот да ја закачи околу вратот.

Бидејќи еленски заб  бил многу порозен, поголема била веројатност да задржат траги од ДНК, како што се клетките на кожата или потта, во споредба со другите материјали, што го прави добар кандидат за тимот од меѓународни научници да го тестира новиот метод. За да помогнат во зачувување на артефактот додека ја изолираат ДНК, тие го дизајнираа методот да биде недеструктивен, се вели во соопштението.

Оваа нова техника вклучува користење на мека шпатула за внимателно отстранување на остатокот од талогот од пештерата пред да се потопи артефактот во тампон бања со натриум фосфат, кој ја ослободува античката ДНК постепено почнувајќи од нивото на површината, а потоа подлабоко во забот. Истражувачите потоа ја зголемувале температурата на течноста постепено, почнувајќи од собна температура, и ја менувале течноста повеќе пати додека ДНК од човекот и еленот не беа ослободени од артефактот, според студијата.

„Количината на човечка ДНК од користењето на овој метод беше неверојатна за мене“, изјави авторката на студијата Елена Есел, докторка на Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк во Лајпциг, Германија, во интервјуто за Live Science. „Очекував да добијам само малку човечка ДНК, но имавме повеќе од доволно за да ја разликуваме човечката и животинската ДНК“.

Додека Есел рече дека ќе бидат потребни дополнителни испитувања за да се знае конкретно изворот на ДНК – било да е тоа од пот, крв или друга биолошка форма – истражувачите можеле да ја споредат со познатите човечки популации и утврдиле дека и жената и еленот, видот елен (Cervus canadensis), живеел некаде помеѓу 19.000 и 25.000 години и дека жената била од сибирско потекло.

„Временски одговара“, рече Есел, „и географски, локацијата каде што е пронајден артефактот одговара“.

Есел смета дека овој нов метод на екстракција на ДНК потенцијално би можел да се користи на различни антички артефакти, вклучувајќи алатки, украси и други предмети кои некогаш биле допрени од луѓето.

Сепак, важно е археолозите да носат соодветна опрема не само во лабораторијата, туку и за време на ископувањата, како што се „ракавици и маски за да се избегне вкрстена контаминација од сопствената ДНК“.